Малата Наде Смилевска заслужено се закити со две признанија за 2019 година на ниво на град Битола. Тоа се признание за талентирани спортисти – млади надежи на изборот за спортист на Битола 2019 и наградата 4 Ноември за постигања и успеси за 2019 година.
Наде Смилевска е најмладиот добитник на овие две високи признанија за успесите кои ги постигна во спортска дисциплина шах. Наде е ученичка во четврто одделение во ОУ “Св. Кирил и Методиј“. Нејзините родители горди на својата ќерка која оваа игра ја засакала и играла уште на 5 годишна возраст заедно со својот татко, кој внимателно и трпеливо ја подучувал, а таа секој потег и правила на играта го запомнувала внимателно.
-Играњето шах за неа на 5 години беше обична игра со фигури како и секоја друга социјална игра започна нејзината мајка Јулијана Смилевска, и продолжи: таа понатаму играше шах заедно со нејзиниот татко или постар брат Давид кој исто така игра шах за шаховскиот клуб “Стево Патако“.
Во јануари 2019 нејзиниот брат Давид Смилевски учествуваше на регионалниот младински турнир на „Державин“ . Наде на турнирот ја следеше секоја негова партија без здив за да не пропушти ни еден потег. Интернационалниот мајстор Орце Дамчевски професор по шах во приватниот колеџ „Јахаја Кемал“ ја забележа и и предвиде успешна кариера ни раскажа Јулијана Смилевска.
Тоа и се потврди кога учествуваше на првиот турнир на државно ниво во категоријата девојчиња до 8 години. Таа во решевачки меч ја победува Софија Гроздановска член на Шаховскиот клуб “Алкалоид “ од Скопје и станува држвен првак во оваа категорија. Со тоа стекна право да учествува на Европски младински шампионат за шах (European Youth Chess championship) во Братислава, Словачка.
Сите овие постигања и даваат дополнителен поттик и интензивно се подготвува со шаховски партии и по 2-3 часа дневно дома, на интернет и во шаховскиот клуб „Стево Патако“ со тренерот Сашко Павловски, кој има само пофални зборови за младата битолска шахистка.
На Европскиот младински шампионат таа имаше две победи со учеснички од две шаховски велесили. Сега и понатаму продолжува со интензивни тренинзи за други турнири за кои се надеваме ќе има можности да учествува. Со оглед на нејзиниот талент и младост пред неа стојат уште многу успеси во оваа древна стратешка игра со дрвени војски кои се борат за простор, доминација, со различни комбинации до мат на противничкиот крал.
Жанета Ристевска






