Press "Enter" to skip to content

Се распиша јавниот повик за изградба на хидроелектраната “Чебрен“ на Црна Река во Мариово

Денеска беше промовиран јавниот повик за доделување концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река, односно за изградба на хидроелектричната централа “Чебрен“. 

Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски на прес конференцијата која се одржа во Владата истакна дека “Чебрен“ беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата за спроведување на овој голем проект во дело.

-Во план е “Чебрен“ да биде јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата. Проценките се дека изградбата ќе чини најмногу 570 милиони евра, средства кои ќе треба да ги обезбеди приватниот партнер. Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и годишно производство од 1000 гигавати електрична енергија. Наша обврска е изградбата на пристапниот пат до хидроцентралата и потоа приклучокот, односно трафостаницата. Како наш удел во новата заедничка компанија со приватниот партнер ќе биде внесена ХЕЦ Тиквеш, која е на истиот слив, односно на Црна Река и единствено можно е двете хидроцентрали, Чебрен и Тиквеш да функционираат во една целина бидејќи зафаќаат вода од исто течение и си влијаат една на друга, информираше Ковачевски.

Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, директорот на ЕСМ изрази оптимизам дека Чебрен ќе овозможи во иднина да сe намалува производството на електрична енергија од јаглен, и постепено да се замени со производството од оваа голема хидроелектрана.

-За споредба, цело ЕСМ денес произведува 4000 гигавати годишно. Кога Чебрен ќе почне да работи, годишната редукција на јаглерод диоксид ќе се намали за 913 илјади тони помалку, бидејќи 1000 гигават часови електрична енергија нема да се произведат од јаглен, туку од вода, подвлече Ковачевски.

Тој најави дека заинтересираните компании ќе можат да се јават на јавниот повик до трети април, а тековните испитувања на пазарот на компании, спроведено од страна на Меѓународната финансиска корпорација, која е дел од Светска Банка, покажа дека сериозни компании од регионот и Европа се заинтересирани за изградба на “Чебрен“.