Press "Enter" to skip to content

И од Битола се може(и), три приказни за одржлив туризам (фото)

Порта беше во знакот на одржливиот туризам претставен преку успешните бизнис приказни на тројца битолчани. Се почесто странците кои ја посетуваат Македонија, бараат уникатни туристички искуства. Од класични хотелски ризорти, јадења во огромни ресторани и немање допир со реалниот живот на локалното население, на странските туристи им е доста. Затоа е заблуда ако сметаме дека туризмот во нашата земја треба да ги следи тие принципи.

И додека многу туристички работници сеуште тврдат дека треба да се инвестира во скап туризам кај нас, три примери од Битола покажуваат дека може поинаку, може подобро и може да носи профит. “Дојди како гостин, а замини си како пријател“, е мотото на домаќините во вилата Дихово, која лежи во шумите под Пелистер. Старата камена куќа, околу која се протега огромно зелено пространство, прошарано со разнобојни цвеќиња и децениски дрвја е парче од рајот што семејството на Пеце Цветковски го отвори за туристи од целиот свет. Сите си заминуваат пресреќни, полни со позитивна енергија, мир, задоволство и нови искуства. Престојот во природа е исклучително закрепнувачки и за душата и за телото, а гостопримството на Пеце Цветковски-Персата и целото негово семејство е нешто што го паметат целиот живот. За Вила Дихово пишувале National Geographic, Lonely Planet и Yahoo Travel. Реномираниот туристички водич Lonely Planet „Скриена Европа“ го препорача Дихово меѓу 50-те непознати дестинации за мирен одмор.За Сандра Печалева, ќе речеме дека таа е битолската Ана Рош. Сандра од својот двор во Битола е светски промотор на македонското гастрономско наследство. Печалева досега нагостила повеќе од 700 туристи во големиот двор во Битола, околу кој се куќите на неколку стари битолски семејства. Таа е жената која не зборува ниту еден странски јазик, иако разбира англиски и го обожува францускиот, но како што вели: “Кога човек сака луѓе, кога сака да им пренесе нешто, зборовите не се потребни. Со мимика, гестикулација или не знам како, се пренесува тоа што го сакаш. Едноставно, луѓето чувствуваат дека се сакани и добредојдени.” Сандра својот талент за готвење, преку Balkan Prime Turs го презентира на туристи кои со резервации ја посетуваат од целиот свет.Љубица Мушуланова Ристевска ја раскажа бизнис приказната која ја започна нејзиниот татко, Панде Мушуланов во далечната 1988 година. “Шумски фенери” се успешен семеен бизнис од областа на туризмот цели 32 години. Љубица и нејзиниот брат од 2005 година го менаџираат целосно овој познат објект кој таткото им го предаде со целосна доверба. И воопшто не згреши, тој со сопругата ги уживаат пензионерските денови, а неговите деца, не само што го одржаа овој успешен бизнис, туку внесоа новини кои уште повеќе го етаблираа на картата на обавезни локации во кои треба да се помине барем еден викенд на Пелистер. И ова не е само обичен хотел и ресторан, ова е љубов кон планината преточена во домашно гостопримство, но и адреаналинско уживање во убавецот Пелистер преку нивната Freeride скијање услуга како оператор, која нуди ски сафари на Балканот. Ексклузивни пакети за скијање на две или три планини, по желба на гостите Баба, Шапка и Брезовица. Во резимето за хотелот читаме за познати гости во кои се вбројуваат македонските претседатели, претседатели на други држави, амбасадори, филмаџии…вреди да се слушне оваа приказна. 

More from БитолаMore posts in Битола »