-Грижејќи се за нашите вработени, се грижиме за јавното здравје, велат од ЕСМ.
Викендов во просториите на АД ЕСМ Дирекција и во сите подружници на компанијата се врши вонредна дезинфекција на работните простории, службените возила и автобусите што се користат за превоз на вработените.
Иако, во рамките на компанијата оваа активност се врши редовно , во согласност со прописите, поради состојбата со коронавирусот во наредниот период ќе се спроведува со засилена динамика во име на здравјето на нашите вработени кои се темел на компанијата, и во име на јавното здравје.
Во нашиот најголем производител на електрична енергија РЕК Битола формирано е Координативно тело за следење на состојбата со корона вирусот. Покрај спроведената дезинфекција на автобусите со кои се превезуваат работниците, АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола побара и приватните превозници да спроведат целосна дезинфекција на возилата што се користат за транспорт на работниците.
Производството на електрична енергија од капацитетите на АД ЕСМ се одвива во согласност со потребите на електроенергетскиот систем, а со оглед на важноста на РЕК Битола, се преземаат сите расположливи мерки комбинатот да продолжи непречено со работа и во претстојниот период.
ФОД ДООЕЛ Новаци, во согласност со мерките на Владата, препораките на Министерството за Здравство и одлуките на АД ЕСМ започна со дезинфекција на управната зграда, заедничките простории и централната работилница. Во текот на утрешниот ден продолжуваат со дезинфекција на останатите работни простории на друштвото.
Управителот на ФОД ДООЕЛ Новаци, Методија Тасевски, уште на самиот почеток на епидемијата формира работна група, која во соработка со Синдикалната Организација ја прати состојбата, ги информира вработените и доставува потребни хигиенски и лични заштитни средства. Сите вработени кои имаат хронични заболувања и деца помали од 10г се ослободени од работните обврски, според препораките на Владата.






