Жанета Ристевска
Рубриката Некогаш и денес стана времеплов низ кој личностите низ своите сеќавања опишуваат цел период од минатото. Опишуваат настани со личности, факти поткрепени со фотографии и новинарски написи. Низ нивните сеќавања се споменуваат и други личности кои се заслужни и успешни во одредениот период. Досегашните мои соговорници низ разговор раскажувајќи ми ја својата приказна доловува еден време со многу чувства и носталгија. Во тоа беше и убавината на разговорот во живо. Овој пат разговорот со Александар Цане Грбевски спортски работник го направивме он лајн заради период на изолација. За фотографиите и новинарските написи ми помогна неговиот син Кире Грбевски. Така на непосреден начин ние добиваме слика за одреден период од 50 години односно од 70 години на минатиот век за фудбалот во Битола. Започнал како професор по физичка култура во Пионерскиот дом “Трајче Магловски“ Битола.
Во овој времеплов за спорт Александар Грбевски или Цане Грбе како што е познат меѓу битолчани. Во својата долга кариера работел како професор по физичка култура во две училишта, фудабер, капитен на ФК Пелистер, тренер, спортски работник.
Образование
Роден сум 08.06.1947 година. Се школував до 4 одделение во своето родно место, живописното с. Ѓавато потоа продолжив со учење во ОУ „Тодор Ангелевски“ Битола. Се запишав во средно гимназиско и потоа на Вишата фискултурна школа од каде излегоа многу фискултурци познати имиња во Битола. Со завршување на оваа школа се здобивавме со наставник по физичко образование, но јас продолжив на Факултетот за физичка култура во Скопје и се стекнав со диплома Професор по физичко образование. Стручно доусовршување запишав на Виша тренерска школа – одсек Фудбал во Белград.
Прво вработување Пионерски дом “Трајче Магловски
Пионерски дом “Трајче Магловски“ Битола во тој период 70 ,80 години беше центар каде многу талентирани ученици посетуваа секции и вклучени во активности од различна област. Во периодот од 1972год. до 1977год. На ова работно место ги водев и организирав спортските секции и забавните активности за учениците како пливање, скијање, шах , пинг- понг, кросеви и останатите спортови. Во тоа време се организираа и многу натпревари како на републичко така и на сојузно ниво каде бевме постојани учесници и оние кои понесоа високи пласмани.
Професор по физичка култура искуства…
Во моето 39 годишно работно искуство како Проф. по ФЗО сакам да потенцирам дека сум имал одлична соработка со моите колеги“ фискултурци“од другите училишта, сум работел со одличен наставен кадар со кои сме поминале убави учителски денови.
Во ЦОУ“ Крсте Петков Мисирков“ Бистрица
Од 1977год се преместив на работа во ЦОУ“ Крсте Петков Мисирков“ Бистрица до 1990 год. Во ова основно училиште покрај фудбалот, одбојката и стрелаштвото беа спортови во кои учениците постигнува највисоки резултати , се сеќавам на Лена Стојчевска и Вељановска кои постојано освојуваа места во Стрелаштво на ниво на Југославија. Одбојкарската екипа на ова училиште се натпреваруваше и во републичка лига, а натпреварите ги играше на отворено асфалтно игралиште.
Во ОУ „Д-р Трифун Пановски“ Битола
Од 1990 год. до моето пензионирање во 2011 год. работев во ОУ “Д-р Трифун Пановски“ Битола. Во ова училиште имав можност да работам со доста талентирани деца за спорт и од ова училиште успеав да ги селектирам и да ги насочам врвни спортисти. Никола Митревски голман на РК Еурофарм Пелистер прогласен за спортист на Битола за 2019 година. Потоа поранешниот капитен на РК Пелистер Никола Ивановски, ракометарот Игор Трајковски. Ќе ги спомнам на прекар и фудбалерите: Фиката, Никучот, Талето, Пицот, Цвеле, Блашко, Коко.. и кои играа за ФК Пелистер. Ги поздравувам и останатите ученици на кои им предавав овие години им бев педагог и правилно ги насочив да бидат пред се добри личности.
Фудбалската кариера во првите клубови во Битола
Фудбалот моја јака страна од повеќе спортови, Преку мојата фудбалска кариера и многу повеќе ме пропознават. Таа кариера ќе ја поделам на два дела: играчка и тренерска кариера. Мојата фудбалска кариера како младинец започнува во ФК Пелагонија и како сениор краток период продолжив во ФК Југ. Во тоа време во Битола имаше повеќе градски клубови па фудбалската кериаера ја продолжив во ФК Инкоб кој подоцна се трансформира во ФК Транскоп, а во тоа време важеше за добро организран клуб.
Фудбалер во ФК Пелистер
Во периодот од 1969год до 1977год. фудбалската кариера ја минав во ФК Пелистер и со него ги имав најдобрите индивидуални и тимски успеси. Како капитен на легендарната генерација најголем наш успех е освојувањето на шапионската титула во МФЛ и влегувањето во Втора лига исток на СФРЈ.
Ова е успех кој го памети и величи фудбалска Битола знаејќи колку беше тешко во тоа време да се искачиш еден ранг погоре. Под тренерската капа на Крсте Ефтимовски ги поздравувам моите соиграчи: Димитровски, Дуковски, Ташков, Богоевски, Гочевски, Стојановски, Марковски, Цветковски, Тристовски, Упалевски, Ристовски, Баљаровски, Димовски, Мицковски, Димитровски, Питошка, Димчевски, Рушид, Бошевски со кои прво ја освоивме есенската титула и на крај станавме шампиони во МФЛ.
Беше вистинско уживање во фудбалската игра на нашите натпревари прусуствуваа повеќе илјадна публика се сеќавам на натпреварот против Брегалница за есенски шампион прусуствуваа седум илјадна публика, а на шампионксата промоција на натпреварот против Тиквеш имаше над 25 000 публика , а цело Тумбе кафе беше полно со гледачи. Како играч многу пати бев номинирам во идеалната постава на колото, а бев прогласуван и за најдобар играч на натпреварот. Професионалната фудбалска кариера ја завршив во Пелистер иако имав голем број понуди од други ЈУ клубови.
Тренерската кариера
Играјќи фудбал, започнав да тренирам млади таленти паралелно со фудбалот. По завршувањето на мојата играчка кариера, стартот во тренерските води беше во младите категории во ФК Пелистер. Од постарите генерации неколку години ја тренерав генерацијата на Тони Савевски, Пеце Миленковски. Значајна улога имав во развивањето на фудбалската кариера на Томче Трајановски и Дејви Главевски. Во рамките на СФРЈ со младинската екипа на ФК Пелистер го освоивме младинскиот куп на Македонија победувајки го Вардар во тогашен Титов Велес со резултат 2:1. Со оваа младинска екипа го освојувавме купот некоку пати. Благодарение на што во сезона 89/90г. со младинците стигнавме до ½ финале од младинскиот куп на СФРЈ но бевме елиминарини од Белградски Партизан.
Со сите овие успеси како тренер по препорека на г-нот Миљан Миљанич добив покана за тререска работа во Тунис и Франција , но поради семејни причини не бев во можност да ја прифатам. Во самостојна Македонија со младинската екипа на ФК Пелистер игравме 4 пати по ред во младинското куп финале, а благодарение на мојата работа изникнаа многу успешни фудбалски имиња. Се радувам на успехот на Горан Лазаревски, Ѓорги Христов, Драганчо Димиторвски, Зоран Штерјов, Капинковски, Костадиновски, Делов, Јове Христов, Бебековски, Митревски, покојниот Стоилковиќ, браќата Момировски, Гуровски, Борче Маневски, Тони Велјановски, Никола Новевски, Бендевски и многу други. Ме радува фактот дека некои од моите поранешни фудбалери се успешни тренери и спортски работници во фудбал. Тоа ми е голема сатисфакција. Во различен временски период ја водев пионерската и младинската репрезентација на Македонија. Голем успех имав имав со второлигашот ФК „Светлост“ Кукуречани.
Споменавте дека низ вашата кариера имавте понуди да ја продолжите спортската кариера најпрво во Ју клубови како фудбалер, а потоа и како тренер. Останавте во Битола…
Останав Битола и сега од оваа перспектива гледам дека не сум погрешил, иако можеби ќе имав успех и во меѓународна спортска кариера и во материјална смисла. Придонесувајќи за спортот во Битола за мене е успех. Но да нагласам дека исто така семсјството ми беше значајно и на прво место. Во моите пензионерски денови кога го гледам мојот син со семејтвото со кои живееме во една семејна куќа, внукот Алексеј расте со мене и пред мои очи, јас сум најсреќниот човек, дедо на светот. И најсреќен татко. Мојот син исто така е професор по физичка култура во гимназијата „Јосип Броз Тито“ тренер на екипата Топ Гол Битола. Тој продолжува да насочува млади талентирани спортисти. За формирање на женска екипа за футсал и фудбал во Битола, насочување и тренинг на млади женски таленти е заслужан тој. Се гордеам и со сите мои ученици, спортисти кои поминаа низ мои раце, а се надевам ги споменав сите во моите сеќавања. Многу од нив дене се се успешни спортисти и спортски работници во Битола и пошироко.
Би додала со се што има постигнатао за битолскиот спорт и спортистити од Битола тој сепак донел права одлука да ја гради својата спортска кариера во Битола.






