Press "Enter" to skip to content

Маја, Анета, Невена, Горан, Игор и Роберт за деновите во изолација: Денови на изолација  или преиспитување на себеси

Жанета Ристевска

Денови на изолација заради превземени мерки на заштита од ширење на корона вирусот. Пресврт во нашите животи за кратко време. Сето ова што ни случува нам,  на целото човештво и планетата не стави на преиспитување на самите себе. После првобитниот шок, животот доби една поинаква димензија. Времето поминато во изолација ќе не натера сите да размислиме каде сме, што и кои сме и  кои вредности се значајни. Во време кога се јавуваат егзистенцијални прашања, човекот е посилен одколку што мисли, и помудар. Најважно е да не не напушти духот. Стручњаците велат дека во вакви тешки ситуаации солидарноста е поголема, или во маката сме сите поблиски,и  ни олеснува кога разговараме на оваа тема. На социјалните мрежи се шират  постови, со различна содржина за давање поттик  пораки за да издржиме. Се јавија и јавните личности од цел свет.  Заради сето ова и цела ситуација наместо  неделното интервју со личност, исконтактиравме неколку јавни личности од Битола кои споделија  свои мисли, размислувања и привикнување на новонастанатата ситуација во денови на изолација. Со  пораки за оптимизам и истрајување во овие тешки денови за сите. Заедничка порака на сите  „ Да бидеме одговорни кон себе и кон другите, да останеме во изолација дома со почитување на сите правила за хигиена“.

Маја  прва бидејќи е на терен известува за ТВ Сител, ТВ Тера, Шеталиште, а редоследот на личностите, е како ни ги доставуваа текстовите и фотографиите.

Маја Богоевска, новинар-Ова е време кога нашата свест и одговорност е ставена на тест. На првиот ден од забраната на јавни собири повеќе од пет лица, видов голема група деца со скејтборди и велосипеди. Полициската патрола поминуваше во тој момент и ја разби групата. Се запрашав во тој момент – дали овие деца знаат што се случува? Знаат ли дека ова што се случува е сериозно? Зошто родителите ги пуштиле? Зошто не им објасниле? Одговорни ли се нивните родители? Или се од оние кои ги пуштаат децата на пикник во околните места, затоа што не можеле дома да седат? Или пак се од оние луѓе за кои сето ова е теорија на заговор, дека вирусот не постои? (Да, за жал, има и такви). Кога се појави првиот случај во Македонија, првото нешто за што се запрашав е какво е нивото на хигиена кај нас? Деновиве се уверив дека навистина се почитува носењето маска, ракавици, се користи антибактериски гел за раце, дезинфекција на облеката, многу луѓе споделуваат совети, кои навистина се ефикасни. Но, за жал, деновиве се уверив и бев сведок на неколку пати дека има и такви кои се уште плукаат и си го секнат носот на улица со гола рака. За нив лек нема. Во ова време кога секојдневно и кај нас се зголемува бројот на заболени од коронавирусот, мора да сфатиме дека не смееме да бегаме од реалноста и да продолжиме со нормалниот живот. Сега е време да се однесуваме како што ни налага состојбата, според апелите и препораките, да не се кршат забраните, се со цел во иднина, кога сето ова ќе заврши, да продолжиме со (колку толку) нормален живот. Пијте кафе на балкон, средете го дворот. Седете дома и уживајте со најблиските.

Анета Мицевска,  естраден уметникПрво сакам да им посакам добро здравје и трпение на сите во овие тешки моменти. Нашиот живот како музичка група најчесто го поминувавме со настапи низ цел свет, далеку од дома. Овој период за нас е тежок, бидејќи искрена да бидам не сме навикнати да бидеме голем период затворени дома. Секако имаше моменти кога ќе се презаситиме од многу патувања и едвај чекаме да се вратиме кај нашите најблиски, но тоа трае кратко и едвај чекаме да отпатуваме некаде. Во целост ги почитуваме прпораките на Министерството за здравство и гледаме на секој начин да го развеселиме народот во овие тешки времиња. Се обидуваме во домашна атмосфера да отпееме некоја песна и да им ги тргнеме мислите на народот, да мисли позитивно и убаво. Моја порака до сите сфатете го ова како една мисија во животот која што мора да ја поминеме. Чувајте се себе си и сите околу вас, со тоа што ќе ги почитувате препораките.  Да бидеме сложни затоа што само со слога ќе успееме. Останете во добро здравје и се гледаме за брзо заедно да пееме и да се веселиме.

Невена Груевска,  фармацеут – асистент професор По утринското пазарење за дневните семејни потреби, додека 3-те деца сеуште спијат ги припремам on-line предавањата за моите студенти на Меѓународниот Славјански Универзитет. По електронски пат останувам во комуникација во текот на целиот ден и со нив и со моите колеги. Кога веќе станува “густо “дома на помалите деца им помагам околу зададените училишни задачи . Во меѓувреме направени се повеќе меѓународни телефонски разговори со блиски пријатели со цел да добијам информации за тоа каква е кај нив состојбата. Секое попладне издвојувам 2 -3 часа за помош на моите колеги од аптека “РосаВита“, што мислам дека ми е морална обврска и како здравствен работник. Од 18-23 часот времето е резервирано за слушање новости на тв, како и за гледање на некој добар филм или играње некоја друштвена игра (шах, подзаборавена брза географија, јамб).Ги почитувам сите препораки дадени од страна на стручните лица и посакувам оваа ни на сон очекувана состојба да трае што пократко за да се врати ” нормалниот ” живот.

Проф. д-р Горан Илиќ, деканПосебните времиња бараат посебни мерки – со ефектуирањето на посебните мерки на Владата на Македонија во однос на превенцијата, сузбивањето и ерадикацијата на COVID-19, сите ние се соочивме со потребата за менување на секојдневниот начин на живот, адаптиран на новата реалност. Како Декан на Правниот факултет при УКЛО Битола, заедно со моите колеги започнавме со on-line настава, вежби и консултации за студентите на нашиот факултет, тргнувајќи од фактот дека не станува збор за распуст, туку за ситуација која побарува посебен третман и адаптација. Нескромно можам да кажам дека нашиот Факултет е меѓу првите во Македонија кој започна со спроведување на on-line настава како на прв, така и на втор и трет циклус на студии на Правниот факултет. Додека, времето кое го поминуваме дома со најблиските, е бесценето. Ова е одлична можност за целосно посветување на семејството и вистинските вредности, кои поради динамичното темпо на живот, за жал, често пати ги занемаруваме. Инаку, додека траат посебните мерки и режим на движење, дефинитивно ќе го искористам за завршување на повеќе мои обврски кои ги одложував во претходниот период, како и за конечното завршување на мојата нова книга “International Relations and the European Union: Values Before Power”, која треба да се издаде на англиски јазик оваа пролет. Во интерес на успешното справување со предизвикот наречен COVID-19, апелирам до сите да ги почитуваат препораките и насоките од надлежни институции. И најважно од се – Седете дома!

Игор Михајловски , раководител, кугларски тренер-Периодов, генерално сум во домот и заедно со моето семејство ги почитуваме доследно донесените мерки за превенција. Професионалните задачи ги обавувам од дома со оглед на ситуацијата на универзитетите, а во текот на денот музиката е таа која ме заштитува од негативните емоции и стравот од новонастаната ситуација со вирусот. На почетокот само-изолацијата ми дојде како добредојдена, ми недостигаше одморот со оглед на моите професионални и приватни активности кои ги имав изминатите неколку месеци, но по неколку денови веќе ја барам претходната динамика. Имам многу време за размислување, за преиспитување на одредени мои ставови во повеќе области од моето функционирање, ги дозавршувам двете апликации околу програмата Erasmus sport, ги усовршуваме математичките и логичките вештини со моите две деца Горјан и Деница кои се во основно училиште, уживам во домашните специјалитети на „Macedonian cuisine“, се дружиме повеќе со мачката, ги ослободивме целосно бабите и дедовците од ангажмани со децата, фино е. Секако дека не ги запоставив и моите обврски кон куглањето. Ситуацијата е таква што многу мои колеги од федерациите, клубовите, ширум европскиот континент се слободни, активностите во националните првенства и Светското првенство се откажани, се родија плодни идеи за соработка, нови проекти кои ќе треба во иднина заеднички да ги реализираме. Во врска со женскиот клуб кој го водам, во текот на денот имаме и он лине кондиционен тренинг со што ја одржуваме на некој начин позитивната енергија и кохезивноста во клубот, а секако тука се и многуте видеа кои се анализираат и се учи од дома, но, недостига куглата во раце, дефинитивно. Апелирам, многу поодговорно да се почитуваат мерките за превенција, да се остане дома, препознатливиот битолски кабадајлук можи и од дома да се рефлектира, да не ја потценуваме воопшто ситуацијата од една страна, а од друга страна да ја зачуваме ведрината и да не отстапуваме од своите сништа, бидејќи без нив ќе се изгуби смислата на нашето постоење.

Роберт Митковски, одбојкарски тренер Работни задачи на спортист во домашни услови е нешто што никој од нас не го посакуваше, ниту пак некогаш сме помислиле дека ова ќе биди наша реалност. Но бегање нема. Корона вирусот веќе е реалност, а новиот начин на живот за кој можеби сеуште не сме свесни, ние веќе го живееме. Спортистите по природа се далеку поактивни од останатите луѓе, но сега сме приморани нашите активности, тренинзи, километри и километри трчање, теретани, бројни натпревари, патувања, да ги замениме со останување во една соба, кревет столица. Звучи поразително и неверојатно, но кој друг ако не спортистот е учен на тешки предизвици, па ако сакате и неправди. Се сетив на она мото, во здраво тело-здрав дух и мојата порака е да се потрудиме, макар преку импровизации, колку толку да останиме физички активни и да го зачуваме физичкото но и менталното здравје, кои што во вакви тешки моменти и тоа како ни се потребни. Несомнено е дека ние сите изгубивме многу, но она за што сме сега во предност е времето. Време имаме на претек, па така секој изговор дека едноставно немаме време за ништо, што можеби до пред некој ден беше сечија изрека, сега е бесмислена. Поаѓајќи од себе, ги повикувам сите останати кои се занимаваат со спорт што преку утрински вежби, истегнувања, па не е на одмет да настрада и бојата на ѕидот од некоја топка, се со цел да останиме витални, а со тоа и отпорни на многу болести. Секако сега имам повеќе време да посветам внимание на своите деца кои не се двојат од мене деновие, а исто така се засегнати затоа што и синот и ќерката се дел од активен тренажен процес па не им е лесно. Сега имам неверојатно време и креација за осмислување на нови вежби, но и за едукација која никогаш не застанува, благодарение на модерните алатки. Го повикувам членството, но и сите оние љубители на одбојката и спортот воопшто да го посети нашиот youtube канал и да ги изгледаат нашите натпревари кои се стотина на број. Сигурен сум дека тоа ќе допринеси за намалување на досадата и до зголемување на креативноста. Да останиме активни и психофизички здрави, во спротивно денот од 24 часа ќе ни изгледа најмалку 48.

Во наредните денови, како ги поминуваат “изолационите денови“ ќе споделат со вас и други наши сограѓани.

More from БитолаMore posts in Битола »