Press "Enter" to skip to content

Во Битола запечатени 43 кафемати за да не се групираат луѓе, затворени 16 угостителски објекти и проверка на фирмите кои избркале вработени

Најголемиот дел од правните субјекти ги почитуваат одлуките за заштита од коронавирусот што ги носи Владата, но има и дел што не ги почитуваат. Таква е состојбата во целата земја, па и во Битола, порача денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски, а нагласи дека во Битола се затворени 16 угостителски објекти.

-Во тек е постапка, бидејќи имаше злоупотреба со кафематите и се издаваше кафе од кафемати на бензински пумпи и во трговски објекти. Постапката е при крај и веќе имаме 43 запечатени кафемати со налепница од ДПИ. Тоа не го правиме со цел да им забраниме на луѓето да пијат кафе, туку за да се почитува одлуката да нема собирање на луѓе, потенцира Пауновски.

Директорот на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу, потврди дека во Битола и низ целата држава ќе се врши проверка на фирмите кои имаат избркано вработени и кои им дале на вработените да потпишат спогодба за напуштање на работното место за време на траење на кризата со коронавирусот.

-Дефинитивно ќе го направиме тоа. Апелираме да се пријават таквите случаи кај нас. Ние немаме магично стапче да ги вратиме луѓето назад на работа, но ќе ја провериме постапката за отказното решение. Ако е согласно законот ништо не можеме да направиме, но доколку има повреди на Законот за работни односи, тогаш ќе постапиме, рече Хавзиу.

Во Битола има непочитување на одлуките кај производителите во однос на цените, а за еден производител на брашно веќе се издадени платни налози, бидејќи не ја врати цената на производот на истото ниво на кое беше на 11 март. Постапката таму е во тек и повторно ќе се изврши контрола дали се вратени цените, рече Пауновски на денешната прес-конференција во Владата.

More from ВестиMore posts in Вести »