Press "Enter" to skip to content

Битолска млекара предвреме го плати данокот на добивка и донира во битолската болница и Црвениот крст

Битолска млекара изврши предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка за тековната 2020 година во висина од 15 милиони денари, со надеж и верба дека на тој начин ќе придонесе кон ублажување на последиците од вонредната ситуацијата настаната поради пандемијата на КОВИД 19.

Истовремено, денес беше донирана и финансиска помош на Клиничката болница Битола за набавка на два пациент монитори, потребни за подобрување на болничките капацитети во справување со КОВИД 19. 

Во изминатиов период беа донирани и производи за најранливите групи граѓани во Битола коишто преку Црвениот Крст Битола ќе бидат распределени според потребите и евиденциите на локалната канцеларија за хуманитарна помош.

-Во период кога целото општество се соочува се една ситуација која за сите нас носи бројни непознаници, треба да ја покажеме нашата одговорност кон заедницата. Во овие моменти потребно е да делуваме заеднички и да покажеме единство со сите државни и општествени процеси. Во тие рамки ја ставаме и грижата за локалната заедница и реагираме соодветно за да помогнеме онаму каде има потреба. Упатуваме и апел до нашите сограѓани да се заштитат, да останат дома и да бидат безбедни, за оваа криза побрзо да помине, изјавија од Бимилк.

За Клиничката болница од Битола оваа донација е значајна и доаѓа во вистински момент.

-Оваа помош од Битолска млекара доаѓа во навистина важен момент и значително ќе ни помогне во зајакнувањето на нашите капацитети во дадената ситуација. Се надевам дека и другите стопански субјекти во градот ќе го следат примерот на Битолска млекара во општествената одговорност, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на ЈЗУ Клиничка болница Битола.

Во новонастанатата ситуација Битолска млекара целосно се раководи и ги почитува препораките за заштита и превенција упатени од Министерството за здравство, и во однос на своите вработени, соработници и во однос на производите. Во исто време со примена на сите превентивни мерки воспоставено е континуирано и непрекинато производство и достава на производите до сите делови од државата.