Оваа година Светската здравстевна организација – СЗО, го посвети 7. Април за ден на медицинските сестри и акушерки, потсетувајќи не сите на нивната улога која ја играат во чувањето на нашето здравје. Денес, медицинските сестри и другите здравствени работници се на првиот фронт каде се борат и се справуваат со опасната COVID-19 болест. Без нив, едноставно нема да може да се даде потребниот одговор во оваа тешка борба. Но, денес наместо свечени седници каде ќе беа доделени наградите и признанијата, потоа на прослави, здравствените се на првата здравствена, борбена линија, во борба да се спречи ширењето на коронавирусот, да се излекуваат болните до конечна победа, а тоа го работат секој ден 24/7 во услови на вонредна ситуација.
Еве како дел од здравствените работници гледаат денес на денот посветен на нив.
Д-р Цветанка Шокларовска, претседател на лекарското здужени од Битола
-Медицинските сестри и останатите здравствени работници денес се на првата линија во одбраната за спречување на ширењето, како и во борбата за оздравување на билните од ковид-19 инфекцијата. Заради ова интернационалниот комитет на СЗО реши оваа година да ја нагласи улогата на сите во овие тешки моменти кога светот се бори провив коронавирусот. Порадо новата состојба оваа година Здружението на лекари од Битола, како и Управата на болницата го одложија прославувањето на овој ден, како што беше досега прославуван. Сигурни сме дека по победата над вирусот, ќе најдеме начин да го одбележиме истиот, да ги наградиме нашите колеги и здравствени работници.
Д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница
-Драги колеги здравствени работници, да бидеме храбри и одлучни во борбата и да излеземе посилни. Чувајте се. Внимавајте на себе и на вашите соработници во тимовите. Само така можеме да се заштитиме и само така можеме да помогнеме и да победиме во борбата со COVID-19. Стравот кој е присутен кај сите нас, конструктивно да го искористиме да не направи повнимателни и да не дозволиме паниката да не надвладее. Драги колеги здравствени работници вие кои стоите во првите редови, заради вас луѓето веруваат дека ќе бидат безбедни и здрави. Ви благодарам, затоа што во овие моменти здравството и здравствените работници се столбот кој не чува. Бидете горди на тоа што го работите. Ви изразувам почит и благодарност. Чувајте се.
Габриела Велевска, претседател на здружението на медицински сестри и акушерки
-Она што е наш секојдневен предизвик денес во овие тешки моменти се гледа многу повеќе и на дело, односно на нашите работни места, каде сме секојдневно, во текот на 24 часа. Заедно да се избориме сето ова да заврши што поскоро, но не да заборавиме за што сме сонувале во овие тешки моненти и што ни било најважно. Ова толку мало а толку моќно нешто, да не направи посреќни со вистинските вредности, кои повеќе ќе ги цениме. Затоа само здравје, љубов, доверба и меѓусебна почит.
Радмила Бајовска, главна сестра во Клиничка болница
-Оваа година знажењето на Светскиот ден на здравјето и значењето на здравствените работници го почувствува секој граѓанин на земјината топка. Добивме лекција, ние здравствените работници, но и населението, дека едни без други не можеме и не смееме да работиме секој за себе, туку за заедничкото добро. Да си подадеме рака и во овие тешки моменти, да и помогнеме на планетата Земја да оздрави, а со неа и ние. Нека ни е честит 7. Април, меѓународниот ден на здравјето и на здравствените работници.






