Press "Enter" to skip to content

Битолчани на работно место во вонредна состојба: Катерина Пејовска – ОУ “Св. Кирил и Методиј“

Во време на вонредна состојба кога насекаде ја слушаме препораката “СЕДИ СИ ДОМА“, некои наши сограѓани се наоѓаат на работните места, каде во вонредни услови ги извршуваат секојдневните работните задачи.

Во вонредна состојба на работно место се наоѓаат и просветните работници во основното и средното образование кои секојдневно се во контакт со учениците и ја спроведуваат наставната програма преку електронските алатки.

Катерина Пејовска е наставник по музичко образование во основното училиште “Св. Кирил и Методиј“, која за тоа како работно во вонредни услови го поминува времето со учениците вели:-Во моето досегашно искуство како наставник отсекогаш сум се трудела учениците креативно да ги поминуваат часовите по предметот музичко образование. Тоа не е исклучок ни сега. Живееме во модерно време кое преку интернетот ни овозможува пристап до многу информации, интересни теми и се разбира музика без која животот би бил незамислив. Бидејќи сега во вакво време наставата мораше да продолжи, за мојот предмет можам да кажам дека сум пријатно изненадена колку добро течат работите односно “on-line наставата“. Учениците сите се снаоѓаат и се вклучуваат на часовите. Позитивни се и многу среќни со овој час бидејќи темата која сега ја работиме е релаксирачка. Моментално учиме за рок, рокенрол хип-хоп, мјузикл, џез и блуз, а за односот професор-ученик во овие несекојдневни услови додава:-Оваа ситуација не направи уште поблиски и подругарски настроени во домашни услови. Без стравот кој го носи понекогаш самата училница бидејќи децата на свој терен се чувствуваат поопуштено и можам да речам дека и интеракцијата е супер. Се гледаме на апликацијата “Zoom“, што ни овозможува истовремено и да ги гледаме учениците, да се вклучат во дискусија, а и да го сработиме материјалот предвиден за овој период. Сепак децата се центарот на вниманието во образованиот процес и најважно е што тие се задоволни, работат и се надоградуваат и во вакви услови, а нивното знаење кое го имаат околу модерните технологии сега им се “најде“, со што многу се олесни наставата.

Пејовска за тоа што им препорачува на учениците во оваа вонредна состојба вели:

-Сега сите имаме повеќе време, јас со мојот син, децата со најблиските. Да го искористиме времето во изолација заедно да ја совладаме школската материја. Но, што е најважно, децата-учениците да останат дома, нема дружење меѓу себе, нема посета на баба и дедо, да го почитуваат времето кое со препораките е предвидено за нив од 13 до 15 часот, ги имаат модерните технологии кои одлично ги познаваат преку кои се во постојан контакт со другарчињата, па така да остане со прекинот на мерките, а потоа ќе се дружат секојдневно, во училишето, во школскиот двор, на роденденски забави…

More from БитолаMore posts in Битола »