Press "Enter" to skip to content

Битолчани на работно место во вонредна состојба: д-р Мери Зацевска, матичен лекар, ПЗУ “Д-р Лозановски“

Во време на вонредна состојба кога насекаде ја слушаме препораката “СЕДИ СИ ДОМА“, некои наши сограѓани се наоѓаат на работните места, каде во вонредни услови ги извршуваат секојдневните работните задачи.

Во вонредна состојба на прва здравствена одбранбена линија се матичните лекари кои сите пациенти кои имаат симптоми за да бидат позитивни, односно имаат епидемиолошки индикации, преку Мој термин им закажуваат земање на брис во центрите на јавно здравство.

Д-р Мери Зацевска е матичен лекар во ПЗУ “Д-р Лозановски“ за тоа како е да се работи во вакви услови ни рече:-Нашата ординација уште од почетокот на прогласувањето вонредна состојба работи со полно работно време, а сите пациенти се јавуваат телефонски за било каква потреба и да имаат. Имаме и повозрасните пациенти на кои задолжителна им е хроничната терапија, а секако дека ги имаме и оние на кои им е потребен преглед, секако со предходна консултација по телефон, по што доаѓаат во нашата амбуланта. За наша заштита користиме посебни мерки за заштита, ракавици, маски, скафандери, визири. Исто така секој пациент влегува со маска, на влегување се дезинфицира со антибактериски гел, а при излегување повторно се дезинфицира.

За постапката за праќање на пациенти кои имаа епидемиолошки индикации, д-р Зацевска вели:

-Кај оние пациенти со симптоми сомнителни на ковид-19 ги праќаме со електронски упат до пунктот каде се зема брис за понатамошно испитување. Матичниот лекар им поставува прашања на пациентите и тие одговорат на десетина прашања. Согласно одговорите на епидемиолошката анкета, електронски алгоритам укажува на тоа дали е потребно тестирање или не и доколку е потребно кој е степенот на итност. Во оваа прилика, апелираме до граѓаните дека се должни да даваат точни податоци за епидемиолошката анкета во интерес на јавното здравје и точното приоритизирање на итноста за тестирање. За тоа што им препорачува на пациентите и на останатите околу заштитата од коронавирус, д-р Мери Зацевска препорачува:

-Важно е сите ние да ги почитуваме препораките за да го минимализираме ширењето на овај вирус. Само заедно можеме да го заштитиме сопственото и здравјето на нашите најблиски како и јавното здравје. Доколку го изгубиме здравјето залудно ни е се што може да се купи со пари. Сакам да повторам и една мисла, здравиот човек има илјада желби, а болниот само една да оздрави. На крај, ние секогаш сме тука за нашите пациенти и се надевам дека ова ќе заврши што побрзо и полесно.

More from БитолаMore posts in Битола »