Екипата на Еурофарм Пелистер 2 во наредниот период ќе има нов тренер, Александар Јовиќ, некогашен македонски репрезентативец и тренер на Металург.
Јовиќ доаѓа на местото на Зарков, а ќе има за задача да работи со помлади имиња и да вади “материјал“ за првиот тим на Еурофарм Пелистер. Тој на располагање ќе ги има најдобрите млади играчи од Битола дополнети со квалитетни ракометари на слична возраст од други клубови од нашата држава. Веќе се разговара со помлади играчи кои токму во Пелистер 2 би требало да “созреат“ и да бидат носители во првиот тим на Еурофарм Пелистер. Клубот би требало да биде поврзан со младинските школи каде работат Игор Николовски, Фарук Мемиќ, Александар Марковски и Кире Поповски.
Засега се договорени три нови имиња од екс-клубот на Јовиќ, а тоа се крилото кое може да игра и како центар Петар Атанасијевиќ, левиот бек Павле Атанасијевиќ и репрезентативното десно крило Ненад Белистојаноски.
Инаку, младиот стратег покрај тоа што ги водеше Металург и Алушовски беше и селектор во младинските селекции на Македонија.






