Тренерот на КК Младост, Горјан Стојановски ја искористи забраната за тренирање заради корона вирусот да ги категоризира пехарите, медалите, дипломите и благодарниците кои во изминатите 23 години ги добиле кошаркарите и кошаркарките на клубот предводени од него, останатите тренери Вангел Христов, Александар Николов, Сашко Стојановски, Александар Милевски и секретарот Владимир Прчков.

Разгледувајќи ги, Стојановски се потсеќа на играчите, победите и поразите, на тренинзите, натпреварите и турнирите, но и на шегите и долгогодишните пријателства, а со битолските љубители на кошарката сподели и некои “мали тајни“ на КК Младост.
-Сите награди и признанија имаат големо значење и се плод од љубов кон кошарката, вреди да се истакне првиот пехар освоен на турнирот организиран за покојниот кошаркар Горан Јовановски-Штуро кога КК Младост го освои финалниот натпревар од турнирот постигнувајќи кош од 15 метри во последните секунди од натпреварот.
-Од огромно значење е и пехарот доделен на клубот по долга пауза од 45 години за освојување на титулата првак на Република Македонија во кадетска конкуренција (играчи родени 1990год). Истата генерација успева два пати да да го донесе дома златниот пехар.

-Што се однесува до женската категорија, се издвојува пехарот за освоено прво место на девојките родени 1998 година не само како успех на клубот, но и на градот бидејќи за прв пат во историјата на македонската женска кошарка, кошаркарски клуб од Битола е државен првак.
-Најголемиот успех на меѓународно ниво е постигнат од истата генерација, освоено прво место на турнирот во Исоар, Франција.
За успесите на клубот има многу да се зборува, како во машка така и во женска конкуренција, како на државно, така и на меѓународно ниво затоа што КК Младост има зад себе 73 пехари кои имаат посебно место во срцата на играчите.






