Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер е екипата која овој период кога мирува топката на теренот има најактивна управа, која досега го засили тимот со тројца квалитетни ракометари Танковски, Периќ и Мараш, а се преговара со уште неколку.
Еурофарм Пелистер во новата европска сезона ќе се натпреваруваат во новоформирата Европска лига, која пред неколку дена ги достави своите барања до клубовите што ќе учествуваат, а кои се ригорозни.
Навивачката група “Чкембари“ денес испрати апел до градските власти, од кои бара навремено да се создадат услови за Еурофарм Пелистер своите домашни натпревари да ги игра во Битола, во кој се вели:
-Еден апел до општина Битола и до градоначалникот на Битола, Наташа Петровска. Почитувани, најдобронамерно и најискрено ве замолуваме, да ги разгледате минатонеделните услови кои Европската ракометна федерација ги постави за тоа што се треба да поседуваат салите домаќини на европските натпревари. Нашата сала дел од тие технички побарувања не ги исполнуива. Денес сме 11 мај, имате доволно време да обезбедите финансиски средства за да се отстранат техничките недостатоци. Доволно време да објавите тендери, жалбени постапки… Имате време, ако тоа започнете да реализирате денес!
Еурофарм Пелистер, деновиве сведоци сме дека одвојува и милионски суми да направи тим каков што заслужува Битола и Пелистер. Фер е како партнери да им овозможите тоа што е во ваша надлежност да имаат можност да играат во Битола. Да не биде утре доцна и да трчаме во пет до 12 да бараме кој е виновен што нема да смееме да играме во Битола.






