Кога се застана поради коронавирус, меѓу првите кои беа “затворени“ беа спортските терени, а со тоа прекината сите спорстки активности. Како битолските спортови го поминуваат времето со коронавирус и како понатаму низ гледиштето на спортистите и спортските работници.
Наш соговорник за тоа како го поминуваат кошаркарите и нивната Управа времето без спорт е Сашко Наумов, претседател на КК Пелистер.
-Кошаркарскиот клуб Пелистер последниот натпревар пред прекинот на 10 март го одигра против екипата на МЗТ Скопје Унибанка на 7 март кој го победивме со 83:77. Веќе по три дена дојдоа препораките и забраните за играње, по што следуваше распуштање на екипата. Сите странски кошаркари кои имаа важечки договори со клубот ги раскинаа договорите, по што заминаа дома со хуманитарните конвои. Сега во Битола е само Казарновски кој изрази желба оваа вонредна состојба да ја помине во Битола, секако на свој трошок и се уште е во Битола, вели Наумов, кој за тоа каква е состојбата со кошарката додава:
-Сега се е во рацете на кошаркарската федерација, откако на состанокот на здружението на прволигашите не се договоривме. Има два предлози на МЗТ Скопје и Работнички. За ова е веќе напишано во вашиот медиум и да не се повторуваме кој беше и е нашиот став. Според мене првенството нема да се доигра, но одлуката на федерацијата ќе ја почитуваме.
За тоа како Управата на Пелистер се подготвува за понатаму Наумов вели:
-Кога гледаме краткорочно најважна сега е одлуката на кошаркарската федерација како да се заврши оваа сезона која е прекината. На Пелистер му останува уште натпревар со екипата на Гостивар од регуларниот дел, а потоа треба да започне разигрувањето. Тоа е на хартија, а во реалност од тоа нема ништо. Што се однесува пак до идната сезона, ние како Управа, веќе работиме на создавање на тим кој ќе значи поголем квалитет. Сега, ќе кажам дека веќе е потпишан договор помеѓу КК Пелистер и со еден од најквалитетните македонски кошаркари во лигата, кој засега е изненадување кое ќе го чуваме за битолчани, а преговараме со уште едно “силно име“, со кој се надевам дека ќе потпишеме. Имаме план за подготовки кој го направивме пред некој месец. Имаме закажани и платени летни подготовки во одличниот камп за кошарка кај Требиње, но се ќе зависи од тоа како ќе се отвораат границите и кои мерки ќе се применуваат за патување и подготовки во странство. Но, ние се надеваме дека по денешната препорака на владата, посебно за спортот, дека полека ќе се вратиме во некоја нормала и на време ќе ги започмене подготовките за наредната сезона.






