Press "Enter" to skip to content

Архимандрит Партениј, избран за епископ, четиринаесетиот владика во Синодот на МПЦ-ОА

Партениј ќе ја има улогата на викарен епископ на дебарско-кичевската епархија и останува во Бигорскиот манастир, каде ќе биде неговото епископско седиште.

Синодот на МПЦ-ОА го избра за владика на денешната седница на предлог на Дебарско-кичевскиот Митрополкт г. Тимотеј.

Архимандрит Партениј од страна на светите архиереи од Свештениот Синод на МПЦ – Охридска Архиепископија, едногласно беше удостоен со највозвишениот и свет, апостолски архиерејски чин.

Наречението на Старецот за епископ ќе се одржи Претечевиот храм на Бигорската Обител, на 11 јули, во навечерието на празникот Собор на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, а хиротонијата – наредниот ден, на самиот апостолски спомен, во древниот и преубав храм на Премудроста Божја, „Света Софија“ во Охрид.

Новата владичка титула на Старецот ќе му биде Епископ Антаниски и игумен на Свештената Бигорска Обител. Насловот на оваа епископската титула доаѓа од древниот град Антанија, чијашто местоположба била кај денешниот Чебренски манастир и кој во доцното римско доба бил епископско седиште.

Отец Партениј е роден во Битола и ќе биде четиринаесетиот владика во Синодот на МПЦ-ОА.