Раководителката на Инспекциски надзор, Мери Проја Продановска, денес во Охрид ги соопшти наодите на инспекциските служби при зајакнатите контроли на угостителските и сместувачките капацитети за време на продолжениот викенд во Охрид, Струга, но и во останатите туристички меса низ државата, како и во Битола.
-Од петокот до сега се утврдени 22 непочитувања на владините мерки од страна на категоризираните сместувачки и угостителски објекти и врз основа на членовите 205 и 206 од уредбата за истите ќе бидат поднесени кривични пријави, рече Проја Продановска.
Раководителката истакна дека најголемиот дел од прекршувањата 8 се во Охрид, 4 во Струга, 5 во Битола, 3 во Дојран, и по едно во Маврово и Кочани. При направените надзори било утврдено присуство на гости во сместувачките објекти иако засега тоа не е дозволено.
-Можеме да констатираме дека генерално економските оператори ги почитуваат протоколите, а ние денес продолжуваме со работа на Охридското крајбрежје со засилени екипи од Скопје и со асистенција на полицијата.






