На 14.06.2020 во 13.55 часот било пријавено дека во Битола, на регионалниот пат Новаци-Добрушево, кај с. Горно Агларци, патничко возило „ауди“, со битолски регистарски ознаки излетало од коловозот. Во незгодата, возачот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Битола, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР Битола.
На 12, 13 и 14 јуни 2020 полициски службеници од СВР Битола извршиле контрола на брзина, контрола за алкохол, техничка исправност на возилото, користење сигурносен појас, мобилен телефон, поседување на возачка дозвола. Притоа, констатирани се 19 нерегистрирани возила, без возачка управувале 23 возачи, а под дејство на алкохол управувале 11 возачи и истите се отстранети од сообраќај. Брзината не ја почитувале 25 возачи, појас не користеле пет возачи, а пет други зборувале на мобилен телефон додека управувале возило. За сите неправилности се издадени соодветни налози.






