Општинските средни и државни училишта во Битола, се подготвени и со утврдени протоколи за прием на документите и упис на ученици во прва година ќе започнат утре и ќе траат подолго, а резултатите кој ученик е примен ќе се истакнат во петок попладне, ова го соопштија заменик министерката за образование Елизабета Наумовски и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
За да се избегнат гужвите и групирањето на идните средношколци, при уписите уписните рокови се продолжени, а секој завршен основец со свидетелството од основните училишта ќе добие и пријави за упис, која треба да ја пополни дома.
-Уписите во средните училишта се продолжени во повеќе денови, а ќе се одвиваат според испратените насоки, посебно каде бројот на ученици во изминатите години бил поголем од бројот предвиден во конкурсите, а ќе траат наместо два, четири дена. Резултатите ќе бидат истакнати после 15 часот во петок за сите средни училишта. Училиштата имаат задача по азбучен ред по презимињата да направат списоци на вратите од училиштата. Сите четири дена од уписите подеднакво е правото на ученикот да конкурира, а кога ќе ги достави документите првиот или последниот ден рангирањето не е важно, бидејќи рангирањето ќе биде завршување на уписите, рече заменик министерката за образование Елизабета Наумовска, при посетата на Битола.
Градоначалничката Наташа Петровка, упати апел до родителите и учениците:
-Општина Битола обезбеди пријави кои учениците ќе ги добијат кога ќе ги подигаат свидетелствата. Ги замолувам пријавите да ги пополнат во нивните домови за да не се создава метеж на местата каде ги доставуваат пријавите. Добро би било да имаме социјална дистанца пред просториите каде се вршат уписите и да се почитуваат останатите мерки за заштита и целосно почитување на насоките од присутните редари.
Инаку за новата учебна 2020/21 година во Битола ќе можат да се запишат 1.895 идни средношколци. Восредното општинско училиште Гимназија „Јосип Броз Тито“ 204, во средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ може да се запишат 365, а најмногу во средното општинско училиште „Таки Даскало“ 646 ученици. Во средното економско и средното земјоделско училиште по 170 ученици, во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ 306 , а во државното средно музичко училиште 34 ученици.






