Според конечните неофицијални резултати соопштени вечерва од Државната изборна комисија во петтата изборна единица, каде гласаат и граѓаните од Општина Битола, двете коалиции предводени од СДСМ “Можеме“ и од ВМРО-ДПМНЕ “Обнова на Македонија“, освоија по осум мандати. На листите на двете коалиции се најдоа кандидати за пратеници од Битола, а според резултатите три жени од Битола ќе бидат во идниот 10. по ред парламентарен состав.
Од победничката коалиција на СДСМ “Можеби“ иден пратеник ќе биде проф. д-р Бисера Костадиновска- Стојчевска, која беше трета на листата.

Проф. д-р Бисера Костадиновска- Стојчевска е продекан за настава и професор по англиски јазик на Педагошкиот факултет во Битола.
Од коалиција на ВМРО-ДПМНЕ “Обнова на Македонија“ идни пратенички ќе бидат бидат проф. д-р Силвана Ангелевска и специјалист-интернист Олга Лозановска.

Проф. д-р Силвана Ангелевска беше трета на листата за пратеници, професор на Техничкиот факултет во Битола и поранешен претседател на Советот на Општина Битола и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалист-интернист Олга Лозановска беше на шестото место на листата. Лозановска е лекар во Клиничката болница во Битола и актуелен советник во Советот на Општина Битола.

Носителот на листата на “Обнова на Македонија“, оперскиот пејач Игор Дурловски, е роден во Битола, а живее и работи во Скопје, и можеме да го ставиме на овој овој список на битолски пратеници.

Директорот на ЈП “Водовод“, Горан Козаров, машински инженер, кој беше на 9. место на листата на “Можеме“, ќе биде исто така битолски пратеник, ако идната Влада ја направи СДСМ.






