Под мотото „Хепатитис – безбедна иднина“, во Битола се одбележа 28 јули, Светскиот ден за борба против хепатитот, во организација на Хепар центарот од Битола, а јавните настани годинава се реализираат под мотото „Хепатитис – безбедна иднина“.
-Хепар Центар-Битола како препознатлива организација надвор од државата е вклучена и во меѓународен проект. Ќе соработуваме со Универзитетот во Оксфорд со цел да добиеме прецизни податоци за тоа како коронавирусот влијае и колкава е опасноста од влошување на здравствената состојба на лица со хепатитис доколку бидат заболени од ковид-19, истакна Милан Мишковиќ од Хепар Центар Битола, кој додаде:
-Во нашата држава во моментов еден процент од населението се соочува со овој здравствен проблем, но добро е што македонското Министерство за здравство ја набави најновата терапија произведена пред 2 години, мултигенотипска терапија која ги лекува сите генотипови хепатитис и таа ќе биде бесплатна за сите пациенти.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која присуствуваше на денешниот настан, нагласи дека активностите на невладиниот сектор во градот се видливи, посебно во сферата на заштита на здравјето на луѓето, рече:
-Ме радува тоа што успеале да обезбедат 1.300 тестови за хепатит, а активностите кои што ги спроведуваат не се само локални, туку ги вклучуваат субјектите и на државно и меѓународно ниво. Општина Битола несебично ја дава поддршката за активности кои што се однесуваат на заштита на здравјето на луѓето, без разлика дали станува збор за превентива, едукација или поддршка на активности. Со сето ова укажуваме дека буџетот на граѓаните е ставен во нивна функција, а дефинитивно, здравјето е она што е најсуштинско за граѓаните.
Дел од говорниците се обратија преку линковска врска, меѓу кои и директорката на канцеларијата на СЗО Џихан Тавиала.
Според податоци на ЈЗУ Центар за јавно здравје-Битола во 2019 година со актутен хепатит е регистрирано едно лице, со хепатит А се евидентирани седум лица, со хепатит Б пријавени се три лица, а со хепатит Ц не е пријавено нити едно лице.






