Велосипедскиот клуб Пелистер 15 Мај од Битола со единаесет возачи настапи на Државното првенство во хронометар кое се возеше на патот Велес-Гевгелија, кај Стоби, на кое учествуваа рекорден број на велисипедсти од сите клубови од Македонија.
Велосипедистите од Битола настапија со најголем број во “малите“ категории односно во категоријата до 15 години во машка и женска конкуренција, а имаше и тројца претставници во сениорска и мастерс категорија.
Милан Богдановски од Пелистер 15. Мај од Битола, освои сребрен медал во конкуренција У-13, а неговиот клубски колега од Битола, Златко Гецовски, беше третопласиран во мастерс конкуренција.
Покрај нив пласман имаа и Фросина Начовска – 6. место во конкуренција У-13. Христијан Атанасовски – 5. место, Андреј Илиевски – 7. место, Филип Темелковски – 11 во конкуренција У-15.
Во кадети жени Теодора Крстевска – 4. место и Андреј Лешнаров – 9. место во кадети мажи.
Во сениорска конкуренција Маријан Тасевски беше 15 пласиран, а Мартон Јовановски заврши на 20. место.
Тренерот на Пелистер 15. Мај, Африм Јусифи, по завршувањето на трката ни рече:
-Задоволен сум од постигнатото, бидејќи во оваа дисциплина која е многу тешка за возење на асфалт на повеќе од 40 степени, настапивме со млада екипа, а поради новите прописи возачите од Битола беа најмали во “малите“ категории. Имавме шанса за подобар резултат, но падот на Фросина, неискуството на Теодора и останатите ги одделечи од медалите.
Но, вистинскиот тест е утре, кога ќе возиме друмско државно првенство на истиот пат, кога ќе дојде до израз тоа што сме тренирале ова лето. По вчерашната трка, по многу топло време, ќе видиме денес попладне кој ќе се “врати“ во форма и со кој состав ќе настапиме, бидејќи поради топлото време нема да возат најмалите.
С. Ристевски






