Кошаркарите на Пелистер од Битола ги започнаа подготовките за новата сезона под раководство на новиот тренер Марјан Илиевски, кој подготовките ги започна со комплетниот тим со сите засилувања. КК Пелистер од Битола сега покрај засилувањето со нов тренер има и силне состав со кој ќе атакува кон плеј-офот, за пласман во првите шест места.
За доаѓањето во Битола Марјан Илиевски на вчерашниот попладневен тренинг со екипата кога го направивме и разговорот со него во спортската сала “Боро Чурлевски“ ни рече:
-Иако за некој е изненадување моето доаѓање во Битола, јас би рекол дека не е изненадување моето доаѓање во Пелистер. Откако новата Управа пред 2-3 години го презеде клубот и за спортски директор го назначи Јовче Христовски, ние имавме постојана комуникација, за мое доаѓање во Битола, на чело на Пелистер. Ги почитував преговорите клуб со клуб, за добро на двата клуба од каде доаѓав и каде треба да дојдам. Причината за прифаќање на понудата да бидам на чело на Пелистер е тоа што во последните неколку сезони бележи голем напредок на организациски и играчки план. Се надевам дека сите заедно ќе направиме се да ја продолжиме оваа работа која е во подем и ќе имаме солиден тим. Се договоривме многу брзо, и се надевам дека со моето доаѓање во Битола и на неколку квалитетни кошаркари, секако не потценувајќи ги претходните резултати, ќе имаме напредок.
Што се однесува пак на подготовките кои ги има започнато со екипата во Битола, Илиевски вели:
-“Пелистерци“ неколку дена сме во тренажен процес, со комплетниот ростер кој е планиран за оваа сезона. Со овој ростер со кој располагам сега, ги започнавме подготовките, како реков, а во следниот период ќе одиграме неколку пријателски натпревари. Ние како тренери од одредени играчи очекуваме повеќе, а од некои помалку, но често пати се случува спротивното. Но, се надевам дека нема да дојдеме до ситуација да пред почеток на сезоната треба да менуваме играчи. Би сакал оваа екипа да биде таа која ќе настапува на тест средбите и натпреварите во Лигата.
За амбициите на КК Пелистер Илиевски е конкретен:
-Минатата сезона заслужи да игра во Суперлигата, но во спортот нема правила, без разлика на квалитетот не се постигнува резултатот, често пати треба и да ти се насмевме среќата, но така не беше за жал. Оваа сезона лигата ќе биде далеку поквалитетна од минатите, а за амбициите на Пелистер се победа на секој натпревар. Пелистер нема да ги потценуваме противниците кои се послаби на хартија, ниту пак да ги натцениме оние кои се поквалитетни, бидејќи не е секогаш така на терен. Нашата цел е да илзлеземе на терен и го дадеме максимумот на секој натпревар. Не е проблем да се загуби во добро одигран натпревар, а не треба да се загуби во лошо одигран натпревар. Не сакам да ги најавувам амбициите на клубот, а за мене секогаш амбициите се победа на секој натпревар, а крајниот резултат, на крајот на сезоната, ќе видиме каков ќе биде.
Според најавите на Управата и на тренерот во Битола се гради еден сериозен спортски проект, а како Илиевски вели него тоа го радува, но жали за тоа битолчани нема да можат да бидат на трибините.
-Уште кога започнавме со трчање во паркот, кога се “загревавме“ за стартот на фудбалскиот терен, видов дека Битола е спортски град, кој го сака спортот, а секако и кошарката. Среќен сум што дојдов во една ваква приказна во Битола, каде покрај во фудбалот и ракометот, се вложува и во кошарката. Жал ми е што нема да можеме да се дружиме со битолчани на натпреварите. Но, се надевам дека за брзо време, ќе ја имаме публиката на трибините и таа ќе виде дека ние како колектив го даваме максимумот за овој град, за постигнување на добри резултати, а во на некои натпревари ќе ни треба и поддршката од публиката.
Инаку, Aмериканците Џастин Мартин, Чез Вилијамс и Џалил Абдул Басит, Србинот Игор Кесар, Бобан Стајиќ, Бојан Трајковски, Даниел Нацевски се седумте нови имиња во клубот од Битола, а продолжен е договорот и со Зекири.
Пелистерци подготовките ги започнаа да тренираат во Битола, а се надеваат ако дозволат епидемиолошките услови ќе заминат и на базични подготовки во Требиње, за каде веќе имаат и уплатено. Подготовките во Требиње, ќе се одржат во средината на септември, а таму ќе се одиграат и контролни средби со екипи кои таму ќе бидат на подготовки.
С. Ристевски






