МКЦ Битола со денешниот пладневен прес во Културниот центар Магаза, го најави стартот на 19 издание на “Битола Отворен Град“.
-Во 2002 започнавме со организација на меѓународниот младински арт фестивал „Битола отворен град“. Во изминатите 18 изданија на фестивалот, организирани беа над 200 културни настани со учество на повеќе од 500 млади уметници од над 40 земји во светот. „Битола отворен град“ е еден од синонимите за препознавање на МКЦ – Битола и најпосетен културен урбан настан во градот, изјави Сашо Додовски, Директор на МКЦ – Битола.
Годинава, пред сите настани ширум светот се исправи предизвикот да се откажат во состојба на пандемија. Да, дел се откажаа, но дел од нив се одлучија да се одржат на сосема поинаков, непретпоставуван дискурс, согласно пропишаните протоколи и мерки. МКЦ Битола одлучи да го реализира фестивалот.
-Карактеристика на Битола отворен град од самиот почеток е културен натпревар. Интеракција со култури од други земји, каде сме ние, што може да понудиме, што може да научиме? Сега, во ова време на пандемија, карантини и изолација, заклучивме дека е време за саморефлексија. Да го цениме и презентираме нашето, да дадеме поддршка на македонските автори и уметници, да си ја задржиме кондицијата и силата. Ќе има мегдан за споредба со другите. Битола отворен град е тоа денес, овде и сега. МКЦ Битола секогаш поставува стандарди и секогаш го вади најдоброто од моментот. Затоа Битола отворен град е препознатлив и затоа трае, изјави Златко Талевски, Извршен директор на МКЦ – Битола.
Фестивалот е отворен за сите алтернативни уметности во изведба на млади луѓе. Во досегашните фестивалски изданија настапувале уметници од САД, Франција, Германија, Словенија, Шведска, Данска, Финска, Шпанија, Јапонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина. Годинава, согласно ситуацијата фестивалот е проектиран во рамките на нашите граници, промовирање на македонски артисти и нивни проекти, со што се поддржуваат домашните уметници кои годинава останаа без или со минимални извори на средства за егзистенција.
-Денешната програма ги раздвижува сите сетила. Моментално сме под влијание на впечатливиот графички приказ на Кристина Карапеоска, изложбата Coolest Dead People. Вечерва во 20 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Македонска дискографија – винили (1958-2019)“, прв том на Тошо Филиповски. Не е во ред да говориме за музика без да и дадеме збор неа, денот ќе го завршиме со ДЈ сет, Македонската музика од винили со DJ Chiko, изјави Маја Ангеловска, програмска менаџерка во МКЦ – Битола.
Во петок, 4 септември, на античкиот локалитет „Хераклеја“, од 21 часот, ќе се одржи концерт на Pluto’s Doubts, Фолтин и Суперхикс, а во сабота на 5 септември во „Пацио“ Завод и музеј Битола, од 21 часот ќе настапат Вел, Mooger Fooger и Горан Трајкоски.
На сите настани задолжително е почитување на протоколите за заштита од Ковид-19, мерење температура при влез, носење маска, дезинфекција на рацете и држење физичка дистанца. Организаторот го задржува правото да ги отстрани посетителите што нема да ги почитуваат здравствените протоколи. За концертите беше задолжителна онлајн-регистрација за добивање бесплатен билет со строго дефиниран број посетители.
Оваа година фестивалот „Битола отворен град“ е поддржан од Министерство за култура како проект од национален интерес во културата во 2020 година и од Општина Битола.






