За време на изведување на градежни работи кај градскиот стадион под Тумбекафе во Битола, при изградба на потпорен ѕид, деновиве е пронајден арсенал од гранати од Првата светска војна, а бројот според некои претпоставки можеби да е повеќе од 1.000 неекслодирани гранати со калибар 75 мм, а се работи за артилериски гранати.
Вработените во Дирекцијата за заштита од спасување од Битола за два дена колку и што работат на овој терен имаат подигнато околу 300 гранати, кои се складираат кај Студенсткиот дом во Битола, а потоа ќе се носат на уништување во Криволак.
-Во текот на изминатите два дена, во Битола, под Тумбекафе, подигнавме околу триста гранати и неизвесно е натаму колку ќе ги има, во зависност колку позиции биле, кои се од напуштена артилериска позиција, осносно кога војниците решиле да го напуштат теренот, го затрупале теренот со земја и сега при ископот се појавија, рече Димче Јошевски, подрачен раководител на Дирекцијата за заштита и спасување новинарите.
Акцијата за расчистување на овој опасен терен од останатите артилериски гранати ќе продолжи и во наредните денови.
Овој случај само потврдува дека Битола и Битолско има голем број на неексплодирани убиствени средства најмногу од Првата светска војна, каде била и линијата на Македонскиот фронт.
Фото: С. Богоевски






