
-По повод 4. Ноември, Денот на ослободувањето на градот, пред 10 години, во 2010 година, Општина Битола, на свечена академија, ја додели наградата за животно дело на д-р Димитар Котевски, како и едногодишните награди, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство.
Според востановената традиција, пред присутниот аудиториум, тогашниот градоначалник, Владимир Талески им ги додели наградите на најуспешните поединци и институции за посебни постигнувања. 
-На мојот пријател, сега за жал починат, примариус д-р Димитар Котевски, највисокото општинско признание, му беше доделено за големиот придонес во развојот на здравството во Битола. Морам да кажам дека, битолчани го препознаваа како очен лекар, истакнат општествено-политички работник, поранешен директор на Медицинскиот центар „Д-р Трифун Пановски“ и почесен претседател на Македонското научно друштво-Битола…, вели Миновски, кој за Котевски ќе додаде:
-Како голем човек, како и го познавав, тој беше голем и хуман и на овој чин со неговиот потег. Имено, паричната награда од 60.000 денари ја додели на Здружението на слепи лица-Битола и на професорот Ѓорги Танковски, член на МНД-Битола, кој го загубил видот, а тогаш имам запишано во мојот новинарски бележник дека во негов стил, како начитан човек, која ја сакаше Битола и битолчани како се заблагодари за наградата:
-Посакувам овој град да продолжи да се проширува, да биде побогат и поубав. Се заблагодарувам со мислата на еден голем битолчанец искажана пред 500 години, со мислата на Свети Нектариј Битолски, светецот на градот, кој во неговиот тропар забележал: „се појави ѕвезда која ја осветли Битола, мојата драга Битола, мојата омилена Битола“.
Во 201о година со признанија се здобија Благој Стојчев, менаџер на „Млин Стојчев“-Битола, НУ Завод и Музеј-Битола и историчарот Јован Кочанковски, Кире Божиновски началник во СВР Битола и групата “Памперси“.
На свечената академија присуствуваа и делегации од збратимените градови Епинал, Бурса, Стари Град – Белград, а се одржа и уметничката програма под наслов “Десетте чуда на Битола“.






