“ПРЕДА плус“ во рамкире на иницијативата “УРБАН БАИР“, ја промовираше новата студија “Мапирање за социјално вклучување на ромската заедница во населбата Баир во општина Битола”
Денес во месната заедница “Димитар Влахов”, во населба Баир, во Битола, во присуство на Амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер, Преда плус Фондацијата ги презентираше резултатите од истражувањeто на ромската заедница во населба Биар во општина Битола, спроведено во рамките на проектот “Сензибилизација и мапирање на домувањето за Роми ”, финансиски поддржан од Швајцарска агенција за развој и соработка.
Иницијативата УРБАН БАИР преку реализација на планираните проектни активности, во краток период од 8 месеци успеа да изгради комуникација меѓу локалните власти, јавните претпријатија и населението во Баир и да креира инклузивна и поддржувачка атмосфера за решавање на урбанистичките предизвици и стимулирање на позитивни социјални промени.
Во периодот јуни-јули 2020 година на територијата на општина Битола во населбата Баир беше спроведено теренско истражување преку кое се реализираа вкупно 867 анкетни прашалници. Собраните податоци беа дополнително анализирани, интерпретирани и претставени во посебна студија “Мапирање за социјално вклучување на ромската заедница во населбата Баир во општина Битола” презентирана денес пред претставниците на Општина Битола, јавните претпријатија и претставници од ромската заедница во општина Битола.
Студијата содржи релевантни и веродостојни информации кои ќе им помогнат на локалните власти да развијат ефективни одржливи урбанистички планови и да дефинираат прилагодени и ефективни политики за урбанистичко планирање и социјална инклузија засновани врз реалните потреби на граѓаните.
Во склоп на проектот, во соработка со општина Битола беа преземени низа инфраструктурни активности за реновирање на месната заедница и просторот околу месната зедница, како и активности за подобрување на животниот простор во населбата кои дирекно ги влучија граѓаните од населбата. Преку креираната Служба за координација на помош во населба Баир, доделени беа вкупно 160 хуманитарни пакети на ромски семејства во оваа населба.
Градоначалничка на Општина Битола, Наташа Петровска на денешната јавна дебата рече:
-Подобрувањето на урбаните услови за населението и нивното непосредно окружување е основа за подобрување на квалитетот на живот. Сето тоа овозможува повисок степен на социјализација и подобар личен развој. Во иницијативата Урбан Баир, поддржана Швајцарската агенција за развој и соработка, Општина Битола се вклучи со реконструкција на електрична инсталација и реновирање на дел просториите во месната заедница Димитар Влахов како и изградба на игралиште со средства обезбедени од Советот на Европа преку програмата РОМАКТЕД . Еден од клучните проблеми со кои се соочувавме беа нерелевантни и застарени податоци за населението кое живее во оваа населба, кои честопати водат кон шпекулации и погрешно толкување. Како општина, нам ни е важно креирањето политики да биде засновано врз докази и да одговори на реалните потреби на граѓаните. Спроведеното теренско истражување од страна Преда плус, дава релевантни и веродостојни информации и податоци и претставува директен придонес во постојниот јаз на податоци со што подолго време бевме соочени. Податоците собрани во соработка со ромската заедница претставуваат многу значајна алатка за идно донесување одлуки со цел подобар живот во населба Баир. Оваа студија може да се искористи како стратешка алатка за поставување приоритети и дизајнирање на идна поддршка и понатамошно подобрување на урбаното и социјалното вклучување на ромската заедница во општина Битола.
-Социјалната инклузија може да се постигне само преку заедничка заложба на сите засегнати страни. Новата студија “Мапирање за социјално вклучување на ромската заедница во населбата Баир во општина Битола” изработена со швајцарска поддршка покажува зошто градењето на социјално инклузивна демократија на локално ниво е важно за решавање на урбаните предизвици и стимулирање на позитивни социјални промени. Оваа студија ќе им помогне на локалните власти да развијат ефективни и одржливи урбанистички планови и да дефинираат прилагодени и ефективни политики за урбанистичко планирање и социјална инклузија засновани врз реалните потреби на граѓаните, рече амбасадорката Зутер денес во населбата Баир во Битола за време на промоцијата на студијата.
Експертка од Плус Фондација – Маријана Милевска за оваа значајна студија рече:
-Моќта на еден град е во луѓето, а потребно е вклучување на сите за да креираме еднакви услови за сите. Ромската заедница во Баир долго време била маргинализирана, а недостатокот на точни податоци само го продлабочуваше проблемот. Немањето податоци колку луѓе живеат и во какви услови во населба Баир во Битола за жал креира плодна почва за шпекулации кои правеа многу штета. Сега имаме точни податоци кои ќе ни помогнат да планираме подобри јавни услуги и услови за живот. На вакви чувствителни процеси каде многу засегнати страни се здружуваат за да најдат решенија, им треба професионално и независно олеснување. Преда плус во последните 8 месеци служеше како катализатор меѓу сите засегнати страни со визија за Урбан Баир. Се надеваме дека оваа соработка со ромската заедница ќе претставуваат основа за креирање на услови за подобар живот и поголема социјална вклученост на ромската заедница во општина Битола. Одговорноста е на сите: на јавната администрација да ги подобрува условите, но и на Ромската заедница да ги одржува понатаму.






