Децата во ромските заедници се исклучително ранлива и загрозена категорија, заради немањето на социјална, образовна, семејна и финансиска структура на живеење, а состојбата е иста и во Битола.
Нивните семејства се ранливи исто така и тоа силно рефлектира врз децата кои што многу често немаат безбедни услови за живот, не одат на училиште и се принудени на просење и други нелегални активности.
Детското питачење не треба да биде стимулирано со привидно финансиско помагање на децата, а треба да биде системски сузбивано, со континуирана помош на ранливите заедници од кои што овие деца доаѓаат.
Од мај 2018 до март 2021, во нашиот град се реализира проектот „Психосоцијални и здравствени интервенции за добросостојбата на деца од ранливи категории – In4Child", кој е финансиран од Европската Унија и од националните фондови на земјите учеснички, Грција и Република Северна Македонија, а кој што се спроведува од граѓанските здруженија Арсис, Унеско Клуб Серес, Лајфстарт Битола и Високата медицинска школа при УКЛО.
Во склоп на проектот се одвива психосоцијална поддршка за деца од ранливи популации преку психосоцијална работа на терен, здравствени прегледи и многубројни обуки.
Ова видео е креирано во рамките на проектот “In4Child“ и има за цел да го насочи вниманието на јавноста, врз проблемите на ромската заедница во нашето општество.






