Press "Enter" to skip to content

Обраќање на Бранирод Михајловски, претседател на Форум на пензионери при ОО СДСМ Битола

Бранирод Михајловски, претседател на Форум на пензионери при ОО СДСМ Битола, денес имаше обраќање до пензионерите, членови на оваа партија:

-Почитувани сограѓани, почитувани пензионери. Задоволство ми е да ве известам дека со последните Статутарни измени на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, пензионерите – членови на СДСМ добија организирана форма за делување, во рамките на Форум на пензионери. Особено ме радува фактот што предлогот за формирање на ова тело потекна токму од Битола. Раководството имаше слух за нашите потреби и интереси, ги донесе статутарните измени, за што во името на сите мои сопартијци – се заблагодарувам.

Пензионерите и во минатото биле активен дел на СДСМ и на различни начини биле вклучени во делувањето на партијата, иако немале, така да кажам, свое формално место во партиската структура. Со формирањето на Форумот на пензионери, тоа се коригира и се отвораат можности за делување не само во рамките на општинската организација, туку и пошироко. Во периодот кој следи, како и секое партиско тело, Форумот на пензионери ќе формира свои Месни организации и ќе ја развива својата структура, со цел ефикасна комуникација со членовите, но и со сите други заинтересирани.

Форумот на пензионери при СДСМ Битола својот фокус го става, секако, на потребите на највозразните членови на партијата и општеството. Фактот што светот и земјава се наоѓаат сред пандемија ги ограничува можностите и формите за делување, но и покрај тоа во изминатиот период, членовите на Координативното тело на Форумот преку различни форми помагаа на своите сопартијци кои ги чувствуваат не само физичките, туку и менталните ограничувања на здравствената криза. Боже здравје, се надеваме на подобри времиња наскоро, по што Форумот на пензионери ќе се посвети на задоволување на разни потреби на своите членови – помош и поддршка во различни ситуации на пензионерите, излети, едукативни работилници, посети на културни настани, односно активности карактеристични за припадниците на третото доба.

Во моментов, Форумот на пензионери го ажурира своето членство, заради што ги повикувам сите пензионери кои биле и се членови на СДСМ, да ни се придружат во напорите и ние највозрасните да придонесеме за подобро утре на сите. Телефонски или преку Фејсбук страницата, Форумот на пензионери при СДСМ Битола е отворен за сите пензионери со социјалдемократска определба. Слобода, еднаквост, солидраност се нашите принципи кои ќе ги практикуваме преку различни активности и, се надевам, ќе придонесеме за благосостојба не само на пензионерите, туку на сите членови на македонското и битолското општество.

More from ВестиMore posts in Вести »