
-Пред 10 години, во 2010 година во Битола, во спортската сала “Младост“ се одржа државно првенство во бокс кој на момент ги врати убавите сеќавања на битолчани во најдобрите години на боксот во Битола, започна со своите сеќавања Димче Миновски, спортски новинар, хроничар на Битола, доајен на битолското новинарство.
Првенството беше во организација на боксерскиот клуб Пелбит од Битола, кој по подолго време на едно место собра десетина млади битолчани кои ја сакаа оваа племенита вештина.
-Имаше клубови од цела Македонија, а нашиот клуб се претстави со неколку квалитетни боксери, а секако најдобар меѓу нив беше Александар Најдовски – Сканта, кој со прекин во првата рунда го доби мечот и стана државен првак, а поразен беше боксер од Куманово, вели Миновски.
Според она што го има Миновски запишано во својот новинарски бележник победници биле и други боксери од овој клуб, а на крај тројца покрај Скантата се закитиле со медали.
На ова државно првенство во Битола судиската организација му беше доделена на нашата боксерска легенда, судијата Цане Георгиевски, кој од страна на Боксерската федерација беше награден со пригоден подарок.
-Во тоа време кога имаше расправии околу боксерските клубови Пелистер и Битола во врска со некои нерасчистени работи, овој клуб ја одржа богатата градиција на боксот во Битола, вели Миновски.






