Press "Enter" to skip to content

По 2.000 гранати од под Тумбекафе во Битола ќе пукаат дневно на Криволак

На Криволак започна уништувањето на бомбите од Првата светска војна, пронајдени во Битола.

-На барање на ДЗС, Министерството за одбрана се согласи да асистира и пронајдените 12.700 парчиња бомби од Првата светска војна, да бидат уништени на полигонот Криволак. Уништувањето ќе се врши постапно во 4 термини овој месец (на 15, 18, 22 и 23 декември) и уште неколку термини во јануари 2021 година – соопштија од МО.

Имајќи ја предвид дневната динамика на планот за постапно уништување на бомбите и количината која ќе се уништува во таканаречени фугаси (дупки за уништување на мините) анализата на лабораторијата АМБИКОН покажала дека емисијата на цврсти честички ќе биде помала од емисијата која се добива од согорување на 60 кубни метри дрва, количина која во една грејна сезона се користи за загревање на десетина домаќинства, и нема да има штетно влијание на пошироката околина на Полигонот.

Со планот е предвидено дневно да се иницираат (уништат) од 1.900 до 2.000 гранати, со експлозивно полнење од 0,5 килограми, или вкупно околу 1.050 килограми експлозив (заедно со иницијаторското полнење), што резултира со очекувана емисија на околу 98 килограми суспендирани цврсти честички.

Од Министерството за одбрана потенцираат дека при преземањето на сите активности на полигонот Криволак се води по строгите критериуми на Елаборатот за заштита на животната средина на Полигонот, и обрнува особено внимание тие да не наштетат на животната средина.