ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ПРОЕКТОТ „СИМБИОЗА“: ОРГАНИСКИОТ ОТПАД ВЕЌЕ НЕ Е ЃУБРЕ, ТУКУ ЃУБРИВО ЗА ДРВА, ЦВЕЌИЊА И ДРУГИ РАСТЕНИЈА, ВЕЛАТ ОД ЈП “КОМУНАЕЦ“ – БИТОЛА.
Јавното претпријатие “Комуналец“ денес ја одржa завршната конференција на проектот “Симбиотски мрежи за одржливо управување со органски отпад” – СИМБИОЗА. Проектот е финансиран од Европската унија и националните фондови на земјите – учеснички во рамки на ИНТЕРЕГ ИПА Програмата за погранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија, а ЈП “Комуналец“ – Битола е водечки партнер на проектот.
Завршната конференција се одржа online и истата се пренесуваше во живо на YouTube и социјалните медиуми. На неа поздравни обраќања имаа претставници на локалнтие самоуправи на Битола и Новаци, а се обратија и претставници на грчките партнери, Европската Унија и секако директорот на ЈП “Комуналец“ од Битола, Панде Богоевски.
Пред учесниците се прикажа и презентација од резултатите од проектот СИМБИОЗА од проектните менаџери на сите партнери во проектот : ЈП Комуналец – Битола, ДИАДИМА – Кожани, ЈП Комунална хигиена – Новаци, ИННОПОЛИС – Патра (Грција), ДОМ Молика – Битола и Национален технички универзитет – Атина (Грција).
Буџетот на проектот СИМБИОЗА изнесуваше 898.858 евра од кои 482.086 евра за македонските партнери.
Во рамките на проектот СИМБИОЗА за прв пат во Општина Битола се организира селекција на органски отпад. 2.000 канти за органски отпад од 120 литри се дистрибуирани до домаќинствата и малите бизниси. 200 канти за органски отпад од 240 литри се дистрибуирани до средни производители на органски отпад (поголеми ресторани и хотели). 35 контејнери за органски отпад од 1.1 м3 се дистрибуирани до поголемите производители на индустриски органски отпад.
Набавено е специјално возило, со капацитет од 12 м3 за собирање и транспорт на селектираниот органски отпад.
ЈП Комуналец – Битола потпиша договори со 10 поголеми индустриски производители за селекција и подигнување на органски отпад. Дел од собраниот органски отпад се рециклира во био – компостер. Пилот био – компостер, со капацитет од 6 м3 е набавен и инсталиран во депонијата за отпадоци Мегленци.
-За време на шестмесечното пилот функционирање на био – компостерот, произведени се околу 3.000 килограми компост. ЈП Комуналец компостот го користи за сопствени потреби, во сопствените расадници за цвеќиња и дрвја. Квалитетниот компост ги замени ѓубривата. На крајот на проектот ЈП Комуналец е способен за независно работење на био – компостер и производство на квалитетен компост. Селекцијата на органскиот отпад и работата на био – компостерот продолжува. Но, ова не е нашата крајна цел. Развивме и неколку студии со идеен проект за голема регионална постројка за компостирање на органски отпад, вели директорот на ЈП Комуналец, Панде Богоевски.






