Press "Enter" to skip to content

Денес во 11,02 часот започнува зимата, и ќе има редок астрономски феномен

Зимата во Битола, земјава и на северната хемисфера на Земјата календарски почнува денеска во 11 часот и 2 минути. Во Битола зимата ја пречекуваме без снег, а според прогнозите првите снежни врнежи можно е да ги имаме в сабота.

На почетокот на зимата денот е најкраток, а ноќта најдолга. Сонцето изгреа во 6 часот и 58 минути, а ќе зајде во 16 часот и 5 минути. Денов трае 9 часа и 7 минути. Понеделник, 21 декември, е 356-иот ден во 2020 година, која како престапна има 366 дена. До крајот на годината остануваат уште 10 дена.

Зимата ќе трае до 20 март 2021 година во 10 часот и 37 минути кога на северната хемисфера настапува пролетта, а на јужната есента. 

Денеска ќе се случи и редок астрономски феномен кога двете најголеми планети во Сончевиот систем, Јупитер и Сатурн, ќе бидат во конјункција, односно најблиско привидно приближување, на само шест лачни минути. Следната слична конјункција на двете планети ќе биде во 2080 година. Овој феномен ќе може да се набљудува кратко по зајдисонце, доколку тоа го дозволат метеоролошките услови.