Press "Enter" to skip to content

Новогодишни честитки од  празнично украсените домови на битолчанките Лидија, Гордана и трите Марии (фотогалерија)

Жанета Ристевска

Ако во изминатите години правевме новогодишни и божикни фото-репортажи од убаво украсените домови во Битола, оваа година поради пандемијата тоа го правиме преку социјалните мрежи, каде вредните домаќинки од Битола ги “постираат“ своите мали уметнички дела околу новогодишното украсување, а ден и нам ни ги испратија. Традиционалните украсувања на домовите и подготовките оваа година се  направени годинава во Битола со поголемо внимание, посвечено, можеби  со желби да се внесе магија за подобра 2021 . Магијата на украсените домови како за миг да ја  замени грубата корона реалност.

Пет битолчанките на различна возраст и различни професии Лидија Стефановска-стоматолог, Марија Димовска – психолог, Марија Недановска Пискачева – просветен работник, Гордана Аџиева Михајловска – економист и Марија Росенберг -хуманитарец преку социјалните мрежи ни ги “отворија“ своите домови, а и душа за кои зборуваат и  убавите фотографии кои ни испратија. Тие нека бидат  новогодишни честитки со надеж и желби за подобра 2021 одина.

Лидија Стефановска – стоматолог

Оваа 2020 беше исклучително тешка, мачна, болна, несреќна година. Се беше во знакот на Корона вирусот и светската пандемија. Во тој контекст ни се случи карантин, затворање на нашите ординации, забрана за патување, рестрикции и страв од болеста.Од почеток, април и половина мај, со указ, застанавме со работа и почнавме со брзо набавување на дополнителни заштитни средства чии цени вртоглаво пораснаа преку ноќ. Кога започнав со работа, се веќе беше поинаку, по протокол од СЗО преку МЗ и СКМ. До денешен ден работам под комплетна опрема со максимална заштита со две хируршки капи, маска КН 95, визир, скафандер, ракавици. Во зависност од моменралната епидемиолошка ситуација додавам и втора маска и уште еден пар ракавици. Многупати доаѓам во ситуација да подразмислам дали да посегнат по некоја голтка вода дури работам. Ќе будам брутално искрена, не ми е лесно! Секогаш правам, пред се, максимални напори да ги заштитам моите пациенти па и себеси. Наидов и на жестоки реакции од пациентите заради редуцираната работа и слично, не секаде добивам искрени одговори при епидемиолошката анкета и сл. Главен приоритет е секогаш се да биде беспрекорно чисто, стерилно, дезинфицирано, а за сето тоа е одговорна мојата исклучително вредна и одговорна медицинска сестра Елена.Многу работи се сменаа, за жал, многу неисполнети планови. Неколку испланирани и уплатени патувања не се реализираа, компензиравме со сопругот еден краток одмор во Аланија кој што беше навистина прекрасен. Не се случи, за кое што навистина многу патам, доаѓањето на мојата постара ќерка со семејството од Америка. Не се изгушкавме и измилувавме со внуците. Не отидовме на планираниот годишен одмор за кој требаше само еден клик на компјутерот и да буди уплатен. Останаа само телефонските разговори и за среќа Фејстајм да се гледаме, да се смееме и виртуелно да се дружиме, добро е што го имаме и тоа. Ги редуциравме дружењата со помладата ќерка и зетот од аспект на меѓусебна заштита. Кога се среќаваме сите сме со маски, новата норналност, нели. Ми недостигаат дружењата со пријателите, киното, театарот со прекрасните претстави, концертите, настани од културата, топлите бањи во Лутраќи, а најмногу патувањата. Има и некоја придобивка во сето ова. Имено, сопругот, ми го покажа Мариово кое никогаш во животот не сум го видела и ме воодушеви, ме однесе на изворите на Црна Река. Отидовме Демирхисарско, Бабино и Библиотеката, безброј цркви и манастири ми покажа кои не знаев дека постојат. Убава е нашата Македонија!И оваа година не изостана украсувањето на домот, елката, икебани, разновидни креации, многу цвеќиња соодветни на годишното време и пригодата. Денес пријатно ме изненади сопругот со прекрасна Орхидеја, добро ме познава, го знае мојот вкус. Не се сеќавам од кога не сме ја дочекале Новата Година во домашен амбиент. Секогаш избиравме некоја убава и атрактивна дестинација и имаме мноштво на прекрасни сеќавања, спомени и настани од секаде низ светот. Годинава со нашето омилено јадење, печено свинско, сарми, салата, Александрија Куве, апетисани, малку торта…Многу надеж, нели последна умира, за подобра 2021 година. Многу верба во современата медицина, вакцина за спас на сите луѓе. Многу челична сила за медицинскиот персонал кој се бори секојдневно за спас на многу пациенти. Сочувство кон семејствата кои изгубија свои членови. Емпатија кон сите пациенти и желба за брзо оздравување без последици, е пораката на Лидија за 2021, а тука е нејзниото мото гласи: Со НАДЕЖ И МОЛИТВА за СРЕЌНА НОВА 2021!

Марија Недановска Пискачева – наставник

Во годината која заминува, секој од нас, научи барем по една важна животна лекција за солидарноста кон другиот, за хуманоста за вредноста на времето поминато заедно со нашите блиски. До пред девет месеци сите живеевме во нашиот брз ритам на состаноци, повици, мејлови и сè беше важно, не бевме доволно посветени на нашите пријатели, партнери, деца, родители, но пред сè, не бевме посветени на нас самите. Сега сме принудени да го направиме тоа. 2020 нè научи да бидеме помалку себични, да застанеме и да ги прашаме другите како се, да не купуваме работи без потреба, нè научи да ги цениме книгите и пишаниот збор. Тоа што не ги посетувавме родителите и роднините се претвори во манифестирање на грижата и на љубовта. Сега сфаќаме колку ни се важни и колку навистина нè сакаат. Сфативме да го цениме времето поминато со нив и тоа ќе го правиме почесто и во Новата година. Одземено ни е она што не го ценевме, така што конечно ќе ја цениме среќата. За неколку дена сфативме дека луксузот, убавината и парите не вредат ништо, затоа што кога немате здравје, ништо друго не е важно.

Јас оваа година научив колку се важни луѓето околу мене, 2020 ме научи да сакам, да слушам, да се грижам, да помагам. Исто така, 2020 ми помогна да осознаам кои ми се вистинските пријатели, ме научи дека не треба често да се гледаме, доволно е да мислиме едни на други и да си испраќаме поддршка.Поминавме повеќе време со саканите заедно од вообичаено и сфатив колку всушност овие моменти се важни, дека порано не сум посветувала доволно внимание на семејството и најдобрите пријатели.Во 2021 посакувам пред сè здравје за сите бидејќи тоа е најголемиот подарок кој може секој од нас да го добие. Во Новата година да бидеме заедно и да им посветиме време на најблиските, не треба да ни е сè совршено во животот за да бидеме среќни и да се цениме себе и сè околу нас. Треба само да сме благодарни и среќни со тоа што го имаме. Најдобрата животна лекција се учи во лоши времиња. Сите лоши работи нека останат во старата година. Нека Новата година биде најубава, многу поубава од претходната, покрај саканите луѓе да заборавиме на сите проблеми. Никогаш да не се откажуваме од нашите соништа, да пееме, да се радуваме, да се смееме да сакаме и да бидеме сакани,да уживаме во малите работи и да не заборавиме дека секој од нас е причина за нечија насмевка!

Гордана Аџиева Михајловски – економист

Здравје, среќа, успех, љубов – обично тие нешта ги посакуваат луѓето во новата година. Нели? И јас ќе ви посакам здравје, зашто здравјето е првиот услов за човек да може понатаму да ги остварува и другите желби. Но, само да посакаш здравје некому, тоа е празно посакување. За да бидете здрави, треба да се грижите за себе и за вашето тело. И за вашиот внатрешен мир. Хранете го телото и духот со убава храна секојдневно. Ќе ви посакам и среќа, но повеќе ќе ви посакам да научите да ја гледате среќата во малите нешта и да откриете кои се нештата кои навистина ве прават среќни. И да научите како да ги негувате и сочувате. Успех? Што е успехот? Добра работа, многу пари? Зарем парите усреќиле некој? Успех за мене е секој ден да стануваме подобри луѓе. Е тоа ви го посакувам, да станувате подобри и во вашите срца да отстапите повеќе место за добрината за на крај да не остани повеќе место за ништо друго.Сите работи кои ги кажав, ќе ве однесат до љубовта, таа е коренот на се`. За човек да умее да сака, прво мора да се засака себеси. Универзумот ти дарил живот на овој свет, те одбрал тебе, тоа е прва причина за да се сакаш и себе и другите живи битија околу тебе. Сакајте ги и животните, тие многу можат да ве научат за љубовта.Немам некои посебни желби и очекувања во новата година, единствено посакувам повеќе добрина, љубов и поголема духовност во и помеѓу луѓето и тоа се нешта кои ги посакувам секој ден.На желбите и мечтите треба да се работи, не се остваруваат со посакување, туку со труд, работа на себе и малку среќа. За празниците претежно бевме во природа со фамилијата.

Марија Росенгрен, Шведска – хуманитарец

И тука во Шведска каде живееме и работиме, не е поразлично од состојбата во Битола. Иако нема класично забрани, сепак Божикните презници кои поминаа, а и ови сега новогодшните ги поминавме во домашна етмосфера, а со упатување честитики со најубави желби за многу здравје, љубов и среќа прво на најблиските, домашните, а потоа тоа го пренесовме преку мрежите за комуникација и на останатите пријатели.Што се однесува пак до тоа како работевме во невладината хуманитарна организација “Од рака на рака“ бевме органичени да работиме само со земји од Европската Унија, па затоа имавме акции најповеќе во Романија каде поделивме химанитарна помош во вид на средства за дезинфекција.

Со желби дека се ова ќе заврши за неколку месеци, сакам на сите мои сограѓани од Битола да им посакам здравје и семејна среќа, и секако да се видиме и да помогнеме некому кому му е потребна било каква помош.

Марија Димова – психолог

Новата 2021 година е пред нас, како слика која сè уште не е насликана,  патека сè уште не зачекорена. Нова година, нови планови, нови почетоци… Да се обидеме да  ја погледнеме низ боите на љубовта и  да ја направиме крајно посебна и незаборавна, исполнета со радост, светлина  и надеж.

Откако имавме тешка година, посакувам да ја дочекаме оваа 2021 година  со насмевка на лицето и позитивност во срцето.  Нека новата година не благослови со мир и љубов, здравје, успех,  просперитет и убави моменти за сите нас. Ви посакувам радосна и среќна 2021 година на сите Вас.

More from БитолаMore posts in Битола »