Планинарите и љубителите на планината од Битола уште пред еден век и повеќе започнаа со освојување на врвот Пелистер. Како одминуваше времето така и се менуваше начинот на освојување на Пелистер, односно стигнувањето од Битола до врвот на 2.601 метар.
Планинарите со пешачење стигнуваат до врвот, а со текот на времето само ги заменуваат планинарските чевли и опремата со помодерна и посовремена. Останатите кои немаат планинарска кондиција, односно авантуристите ги менувале средствата за полесно од Битола да стигнат во врвот. Љубителите на планината од Битола до врвот стигнувале најпрво со коњи и магариња, потоа со разни џипови, лади ниви, лендровери и други, потоа некои со некогашните “томос моторчиња“, со “застава 101“, со велосипеди, со ратрак… па така во тек со новите превозни средста.
Оваа зимска сезона во 2021 година со паѓањето на поголемите снежни врнежи на Пелистер се слушаат некои нови звуци, звуци на работење на мотори, кои ги покренуваа новите превозни, најмодерни средства, а тоа се квадрициклите на кои четирите тркали им се заменети со “гасеници“ и моторните санки.
Таква група од повеќе квадрицикли и моторни санки беше забележана на Пелистер, а еден од нив беше Јане Стрезовски,специјалист-стоматолог од Битола, кој за нивната викенд авантура, возејќи моторна санка, ни рече:
-Имавме тест на нашите санки и квадрицикли претходно, а возевме до Ловечка, а во неделата се искачивме на врвот. Стартот беше од кај “Вилата на Лазо“ во групата бевме четворица, двајца на квадрицикли со гасеници и двајца со моторни санки. Возевме по патот се до Ловечка куќа каде направивме мал одмор, а потоа преку “Седлото“ се упативме кон Антената и кон Димев Врв.
Стрезовски за овој нов стил за совладување на висините вели:
-За возењето по снегот по Пелистер што да кажам, по високиот снег да се вози до врвот е посебно доживување, за кое немам зборови. Да се стигне по тежок терен и голем снег со вакви превозни средства е посебно доживување. Не можам да го опишам со зборови, туку оној кој има желба за ваква авантура мора сам да проба. Посебно е чуството кога си на врвот, а си стигнал до таму со многу напор, концентрација, управувајќи моторна санка…
Но, овој начин на стигнување на Пелистер, како рече и самиот Стрезовски бара многу концентација да се управуваат овие силни “машини“, а опасностите демнат на секој чекор.
-Тешко е да се возат санките и квадрициклите со “гасеници“. Се совладува голема висинка разлика и бара посебно напрегање на возачите и машините. Конкретно ќе ви кажам дека воопшто не лесно и наивно. Покрај кондиционата подготовка, совладување на техниката за возење, мора да имате и добро подготвени машини и потребна логистика за “не дај Боже“, како велиме. Во неделата имавме дефект на еден од квадрициклите и моравме да покренеме цела логистика да го вратиме возилото и возачот назад. Прво со раткак не шлеповаше Коче од “Шумски фенери“ до асфалтот, а потоа Тони Павловски – Џемс со џип и посебна приколка го “слезе“ квадрициклот во Битола, вели Јане Стрезовски.
Нови времиња, нови возила и нов начин на уживање во Пелистер кои ги носи новото време, а тој начин заедно со традиционалниот се почесто ќе го гледаме на Баба Планина. Квардицикли има есенва по каналот над Смолево, кај Бранејца, има на Кајмакчалан… Како понатаму Стрезовски вели:
-Оваа година остануваме на Пелистер, колку можеме, колку ни дозволуваат работните обврски, бидејќи ова само едно ново хоби. Се надевам да “украдеме“ од работата, по некој сат попладне за време на работната недела и еден цел ден престој на планина за викенд. Планови има многу, планини има многу, но оваа сезона остануваме вака самоиницијативно кој кога и колку може, а до година, здравје, можеби ќе настапиме поорганизирано, со некој клуб-здружение и соработка со други, но за тоа потоа, вели Јане Стрезовски.
С.Ристевски











