Универзитетот „Св. Климент Охридски”-Битола и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ќе воспостават поинтензивна соработка за поврзување на знаењето, науката и иновациите.
Денес Проректорот на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ од Битола, проф. д-р Марјан Ѓуровски оствари работна средба со Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров. На состанокот меѓу проректорот Ѓуровски и директорот Петров е договорено воспостапување на поинтензивна соработка за поврзување на знаењето, науката и иновациите.
Универзитетот “Св. Климент Охридски“ од Битола со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој во престојниот период преку неколку активности и воспоставување на алатки ќе инспирира, едуцира и мотивира студенти млади претприемачи и претприемачки со тоа што ќе им обезбеди соодветна обука за создавање производи и услуги со локално, регионално и меѓународно влијание, со цел да се зголемат капацитетите на Универзитетот, домашната економија и создавање на одржливо општество, нагласи проректорот Ѓуровски.
Во текот на месец Февруари УКЛО и Фондот ќе одржат заеднички активности во Центарот за кариера, доживотно учење и алумни во Битола кои ќе имаат за задача да им помогнат на студентите и професорите потенцијалните претприемачи од самата почетна фаза да го поттикнат иновативното размислување и да создадат можности да ги имплементираат и да ги финансираат своите идеи.
Универзитетот „Св.Климент Охридски„-Битола месецов ќе биде домаќин на директорот Петров и тим од Фондот за иновации и технолошки развој за да се преку заедничка хибридна конференција и работилница со студентите и професори на Битолскиот Универзитет се информираат за финансиската поддршка што овој државен фонд им ја нуди. Инструментот за поддршка е сооснован грант за стартап компании кои имаат за цел да ги зголемат иновациите преку обезбедување на потребната финансиска поддршка за истражувачки и развојни активности на стартап и спиноф компании.
Очекуваме алатката која ќе им ја понудиме со Фондот за иновации и технолошки развој да предизвика интерес кај студентите и професорите затоа што се стремиме кон култура на преземање ризици и поттикнување иновации и им даде поддршка на младите иноватори заинтересирани за развој на нов или усовршен производ, процес или услуга, смета проректорот Ѓуровски.
Фондот за иновации и технолошки развој ќе презентира инструмент за поддршка на домашните компании и високо образовните институции во развој на нови производи и услуги, а ќе се доделуваат на факултетите и истражувачките центри, кои ќе остварат конкретна деловна соработка со домашните компании во истражување и развој. Директорот Петров на состанокот нагласи дека преку овој инструмент на Фондот големиот потенцијал и капацитет на образовните институции ќе може да се искористи во реалниот сектор. „На овој начин високо-образовните институции ќе станат извор и на иновации и на знаење во реалниот сектор, а во истовреме со ова вложуваме и во идните академски граѓани кои низ проектите ќе може да работат на реални истражувања„ смета Петров.
Овој тип на воспоставување на соработка помеѓу високообразовните институци и компаниите се создава можност од една страна финансиските средства да не се одлеваат само на консултантски услуги и надвор од државата, а од друга бизнис секторот да ја зголеми финансиската поддршка во високото образование, смета проректорот Ѓуровски. Според проректорот Марјан Ѓуровски цел на УКЛО е во иднина да се развие програма која системски ќе се гради и на крајот ќе видиме дека со бизнис секторот ќе воспоставиме континуирна соработка во заеднички интерес и на овој начин очекуваме да се зголеми учеството на БДП во научно истражувачки проекти кое сега е на ниско ниво, заклучи проректорот Ѓуровски.






