Премиерот Заев заедно со Васко Ковачевски, претседател на Управен одбор и генерален директор на Електрани на Северна Македонија – ЕСМ и Златко Ќурчиевски, директор на Рударско-енергетскиот комбинат – РЕК Битола ги истакнаа заложбите за имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливото за развојот на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефит.
Премиерот Заев истакна дека во последните три години интензивно се инвестира во гасификација на земјата, се планираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште. Посочи дека целта е во наредните пет години да се влезе во инвестициски циклус кој ќе обезбеди земјата да биде позелена, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор.
-Поконкретно, плановите се до 2026 година да биде заменет првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола кој работи на јаглен, со фото напонска електрана. До 2024 година РЕК Битола ќе го исклучи првиот блок кој работи на јаглен за да го замени со ко-генеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола.
Ковачевски истакна дека производството на електрична енергија со што помала емисија на гасови е долгорочната цел. Додаде дека енергетската трансформација е веќе почната, со пример кој веќе е познат и во регионални, но и во европски рамки, а тоа е проектот РЕК Осломеј и неговата трансформација од капацитет кој произведува јаглен во капацитет кој ќе произведува електрична енергија од сонце.
Директорот на РЕК Битола Ќурчиевски истакна дека комбинатот одбележува 40 години од почетокот со работа и вклучувањето на Блок 1 во електроенергетскиот систем на земјата и од тогаш до сега ваков обем на набавка на механизација не се случил.
-Од 2008 година до денес биле набавени само неколку машини за потребите на Рудникот Брод-Гнеотино. Токму затоа, РЕК Битола во својата работа се потпираше на помошна механизација од надворешни, приватни фирми. За овие услуги, РЕК Битола во периодот 2006 – 2020 година, исплатил над 120 милиони евра. Ветивме и набавуваме сопствена механизација за потребите на рудниците на РЕК Битола. Потпишавме 16 договори со 5 фирми за набавка на 36 машини и камиони. Предмет на набавката се багери, булдожери, камиони, автодигалки, цистерни, грејдери, утоварувачи, ровокопачи. Механизацијата е од реномирани и докажани производители како Волво, Коматцу, Рено, Белас и други, кои со квалитетот што го нудат гарантираат и квалитет во извршувањето на работите. Се надевам се сеќавате, дека токму квалитетот, беше основен критериум на кој инсистираше ова раководство на АД ЕСМ и на РЕК Битола при распишувањето на огласите за набавка на сопствена механизација изминатите три години. Дополнително, со цел заштеда на парите на граѓаните, бидејќи ние сме, нели, друштво во сопственост на Владата, повеќе од двојно го намаливме износот за набавка на двојно поголем број машини од тендерот распишан во јуни 2017 година. Во намерата не нé поколебаа ниту долгите тендерски постапки и јас сум исклучително задоволен од конечниот исход. Со договорите кои денес ги потпишавме, РЕК Битола ќе задоволи околу 40 проценти од потребите за помошна механизација“, истакна Ќурчиевски и додаде дека набавката на сопствена механизација за потребите на рудниците во РЕК Битола е прва убава вест која доаѓа од комбинатот после подолго време.
Тие работници коишто ќе останат без работен ангажман со затворањето на првиот блок, додаде, секако дека ќе најдат свој работен ангажман после изградбата на когенеративната гасна централа и фотонапонските панели.
-Во секој случај нема никаков страв дека кој било вработен, освен по природен пат, ќе биде надвор од кругот на РЕК Битола, потенцира Ќурчиевски.






