Денес во просториите на МНД Битола се одржа прес конференција, на која за годишната програма на МНД Битола зборуваше д-р Невена Груевска, претседател на МНД-Битола и потпретседателот на МНД-Битола, проф. д-р Сашо Кочанковски. Цел на прес конференцијата беше промоција на Програмата за работа на Друштвото за оваа година.
Д-р Невена Груевска, претседател на МНД-Битола во своето излагање рече:
-Главен акцент на оваа година ставивме на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот, Академик Блаже Конески, за што ќе организираме повеќе настани, а една наша идеја и манифестација е составен дел на Националната програма за одбележување на големиот јубилеј. Имено, во рамки на Националната програма за одбележување на 100 години од раѓањето на академик Блаже Конески, МНД-Битола во соработка со Педагошки факултет, при Универзитет Св.Климент Охридски- Битола на почетокот од месец јуни ќе организираме тркалезна маса на тема: „Делото на Конески – постојан извор на истражувања во науката за јазикот, литературата и културата.
За остантите предвидени активности Груевска рече:
-Сакам да издвојам уште една наша активност како придонес во јубилејот, а тоа е одлуката што веќе ја донесовме, да испечатиме 1.000 примероци од изданието речник и правопис -Ајде да зборуваме и пишуваме правилно македонски кое го изработи нашиот член, лектор и писател Здравко Божиновски, и истото да го подариме на просветните работници од нашиот регион. Инаку, првата програмска активност во оваа година ќе ја реализираме веќе утревечер со онлајн научно-стручна дебата на тема “Родова еднаквост и заштита на жените од насилство, приоритет или предизвик?
Потпретседателот на МНД-Битола, -Кочанковски за тоа што предвидува годишната програма врзано за здравјето рече:
-Грижата за здравјето на секој, а како што е познато најголемите опасности по здравјето на човекот во овој период доаѓаат од опасниот вирус Ковид-19. Во програмата предвидовме повеќе стручни предавања за јавноста, и тоа: „Зачувувување и унапредување на менталното здравје во време на пандемијата Ковид- 19“ „Човечките ресурси – столб на здравствениот систем“ Ќе организираме семинар за екологија и климатски промени, научно-стручна дискусија за еколошките кривични дела, климатските промени, правото на здрава животна средина, уништувањето на планетата Земја и Ковид-19. Вебинар на тема: Споделување на увидите на зелено претприемништво и циркуларна економија во РСМ, Кко и работилница на тема: „Меките вештини – чекор на патот кон успехот“.
Груевска на крајот рече дека најновиот број на стручно-научното списание „Прилози“ чиј издавач е МНД-Битола ќе биде на тема „Академски погледи и истражувања за борбата против Ковид-19“, а годинава нема да заборавиме на Светскиот ден на науката кој се одбележува во ноември, а пред 61-от роден ден на МНД-Битола, ќе приредиме изложба на фотографии и ретки документи на тема „Наши Години“, со што ќе ги заокружиме сите настани посветени на јубилејот 60 години МНД-Битола.











