Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола соопшти дека го засилува тимот, а најновото име во битолскиот тим е српскиот интернационалец Никола Кочовиќ, 30-годишен бек со богато интернационално искуство.
Никола Кочовиќ не го крие задоволството од договорот, воспоставил одлична комуникација со управата и со нетрпение го очекува дебито во зелено-белиот дрес.
-Среќен сум што сум дел од овој проект. Уште од самиот почеток имав одлична комуникација со управата и лесно се договоривме. Наидов на добра група и одлични односи во тимот, па нестрплив сум да дебитирам. Верувам дека го направив вистинскиот избор со потписот за Пелистер, порача Кочовиќ.
Кочовиќ во досегашната кариера настапувал за повеќе клубови во Србија и во странство, меѓу кои Младост Чачак, Спартак Суботица, Металац, Младост Земун, Вршац, Борец Чачак, Мега, Сутјеска, Чачак 94, Царни Слупск и романска Орадеа. Зад себе има искуство од првенствата на Србија, БиХ, Црна Гора, Полска и Романија, а со Орадеа играше со успех за ФИБА Европа купот во кој играше со просек од 8,4 поени по меч.











