Press "Enter" to skip to content

Во чест на великанот Блаже Конески, по повод 100-годишнината од неговото раѓање

„Поезијата – центар на моето творештво“

„Во поезијата, како и во љубовта, сè е речено, а сепак треба сè допрва да се рече“ Современата македонска книжевност изобилува со плодни автори – романописци, поети, драматурзи, раскажувачи и патописци. Најзначајната фигура на македонскиот XX век бил Блаже Конески. Тој бил роден на 19 декември 1921 година во селото Небрегово, Прилепско. Бил истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и автор на многу книги како: „Земјата и љубовта“ (1948), „Песни“ (1953), „Везилка“ (1955), „Стерна“ (1966), „Ракување“ (1969), „Записи“ (1974), „Места и мигови“ (1981), „Чешмите“ (1984), „Стари и нови песни“ (1987) и други.

Неговата поезија е преведена и објавена на триесетина светски јазици, со опсежни и инструктивни толкувања и коментари на светски познати литературни критичари, научници и универзитетски професори.

Како основен белег на Конески е копнежот по љубовта, по љубовта во широката човечка и очовечувачка смисла на зборот, во која тој целосно ќе се оствари, останувајќи секогаш или сизифовски безнадежен, или икаровски скршен, или донкихотски заслепен. Тоа и дава на неговата болка тага, белег на напуштеност, осаменост што укажува на високото наследство на народната песна, но секогаш на едно богато сегдеприсутно чувство на трагика што води длабоко до Шекспир.

Конески резимирал: „Поезијата зазема централно место во мојата творечка работа. За сè што ме преокупирало во поезијата сум настојувал да најдам соодветен македонски збор. Тајната на поезијата е во одбирањето и редењето на зборовите.“

Раде Силјан во својата книга истакнал дека поезијата на Конески е артистички наполно развиена и модерна и дека тој е автор чие дело има не само историска вредност туку и естетска цел. За него јазикот бил основниот јунак, и поетовата раскошна дарба е целосно најавена и остварена со стихозбирката „Везилка“, со која средишно место зазема националната боја, натопена со внатрешниот и притаен глас, во која се вкрстуваат
долговековната трагика и бескрајната истрајба на пркосот на македонскиот народ. Црвената боја која е спомната во песната „Везилка“ ја симболизира љубовта и крвта, а црната боја ја симболизира смртта, затоа што човечкиот живот е распнат токму меѓу овие поларитети кои постојано се испреплетуваат меѓусебно и се во нераскинлива релација. Преку црниот и црвениот конец поетот, всушност, ја навезил нашата химна по која сите ние се препознаваме.

Конески за љубовта и поезијата рекол: „Во поезијата, како и во љубовта, сè е речено, а сепак треба сè допрва да се рече“.

Следејќи ја неговата поезијата ние следиме еден посебен, богат и неповторлив глас на нашата поезија. Со него таа ги правеше првите чекори во слободата и со него ја доживеала својата полна зрелост. Конески починал на 7 декември 1993 во градот Скопје, на 71 годишна возраст.

Гордост е да се каже дека потекнувате од држава во која се родил врвниот поет како што е Блаже Конески.

More from ВестиMore posts in Вести »