Денес Битола и студентскиот дом “Кочо Рацин“ во Битола се побогати со место во кое ќе можат да престојуваат студенти со попреченост, а денес беше пуштено во употреба на радост на студентите, а проектот чини 6 милиони денари и е реализиран успешно.
-Со партнерства меѓу централната и локалната власт, како и со меѓународните партнери можеме да постигнеме одлични резултати, рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која додаде дека одлуката каде да се вложат средствата од Швајцарската амбасада е донесена преку Форумите на заедницата.
Проектот „Изградба на инфраструктура за социјална инклузија во пелагонискиот регион, Центар за сместување и психосоцијална поддршка на лица од ранливи популации во државен студентски дом „Кочо Рацин“ – Битола го имплементираа Центар за развој на пелагониски плански регион и Министерството за локална самоуправа.
-Министерството за локална самоуправа заедно со швајцарската развојна агенција успеаја да го реализираат овој проект кој беше идеја иницирана од Форум на заедницата. Поранешниот објект беше руина, а сега е прекрасно направен за што МОН даде итна согласност за негова реконструкција. Студенти со попречености ќе може да користат шест уредени соби, читална и кујна. Соработка меѓу македонската и швајцарската влада ќе продолжи и во наредните 3 до 4 години за што на располагање 6 милиони швајцарски франци и се надевам дека во Битола ќе има нови успешни проекти, изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Mинистерката за образование и наука, Мила Царовска, порача дека со партнерства меѓу централната и локалната власт, како и со меѓународните партнери, може да се постигнат одлични резултати.
-Постигнати се одлични резултати што се од интерес на сите што студираат во Битола и ги користат можностите на студентскиот дом кој од денес е пристапен за лицата со попреченост. Наша главна водилка низ поцесот на образование е сите ученици независно од нивниот развој да имаат еднаков пристап до сите услуги во основното, средно и високо образование, но исто така и пристап до сместувачките капацитети, истакна Царовска.
Директорката на Студентскиот дом Соња Карапец рече дека се создадоа можности за студенти со попречености да живеат во студенсткиот центар и додаде дека тие се единствен студентски дом во цела држава со вакви можности кои можат да ги користат лицата со попреченост, а се се постигнало со тимска работа и одлична соработка меѓу сите институции.
–Особена сум благодарна на процесот на партиципативност од страна на граѓаните на целиот регион за да се избере овој проект и успешно да се реализира. Горда сум на овој студентски дом кој треба да претставува пример за останатите студентски домови во државава, истакна Амбасадорката на Швајцарија – рече амбасадорката Сибиил Сутер.
На крај за оваа продобивка за студентите на УКЛО зборуваше директорот на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче.






