Press "Enter" to skip to content

Илинден во Лазарополе, таму најгоре, во знак на 180 години од осветување на црквата, тешкото, зурлите и тапаните на Мајовци (фотогалерија)

Градат мијаци крст до облаци,

Илинден е голем празник, да се прослави,

да ни дојдат сите горе во Лазарополе,

да се собере мијачијата…

е рефренот на песната со која самите се најавија, тајфата на Мајовци, на 1 август вечерта, по што сите кои беа дојдени во Лазаропопе од Скопје, Битола, Охрид… се собраа на сред село пред хотел “Калин“ каде започнаа со прославување на Илинден, ден голем, ден на Лазарополе. А зурлите и тапаните, сигурно ќе им одѕвонуваат во главите на “лозоровци“ уште неколку дена, а на нив ќе се сеќаваат се до следниот Илинден, кој како велат самите уште од денес започнуваат со нетпрение да го очекуваат.Зурлите и тапаните кои биеја сред село до длабоко во ноќта, започнаа најавувајќи го Илинден со “Тешкото“ одиграно пред задруга, прво од најдобрите играорци, а потоа и од другите до најмалите на кои традицијата им се пренесува од постарите генерации. На звуците на зурлите и тапаните никој не е рамнодушен, кај многумина солзи, морници низ телото, се слави Илинден.А таму седнати пред коперација повозрасните Душко  Дракулевски и Русе Кардале, се присетуваа колку било тешко да се живее пред еден век тука во Лазарополе, но ете и покрај сите маки кои го виделе, војни, печалби, ограбувања, сепак селото е живо, а нив го радува што сите се тука на оро, пред “Калин“ сега, или на сред село како викале порано.-Тешко било да се живее и опстане тука, се одело на печалба од 12 години, се враќале, се женеле, оставале деца, пак заминувале, но нешто има тука, космичко, што пак се враќаме, а така е и денес, вели Русе, кој додава дека многу се израдувал што неговите внуци посакале да има школо тука и тука наместо во Скопје да учат, а Душко се присети на некои времиња за што вели:-Порано тука мажите се ценеле колкави дрва носат дома, дали пијат ракија пред свадбата и други адети, но сега сите се тука со телефоните снимаат, се сликаат, се радуваат на Мајовци, го играат тешкото… Но останува традицијата, постарите, како нас двајцата да седат на клупата и да ги коментираат младите и тоа што се случува тука. Се надевам, но и знаам, дека еден нашите внуци ќе седат тука и се ќе просетуваат како некогаш, како сега е тука.А, додека разговараме со нив, и огнометот го најавува големиот празник, Илинден, а оние најдобрите играорци го заигруваат тешкото, но како вели Душко, тука во Лазарополе, играорците не ја “пратат“ музиката, туку музиката го прати секој чекор на играорците.По завршувањето на празнувањето на сред село Мајовци се селат во ресторанот на “Калин“, а таму дилириум, синхронизираните тапанџии и зурчаџии прават таква музика од која сите се на нозе, а музиката која тука се создава во малиот ресторан, ѕвони во главите, “лозоровци“ дури и премногу ја чувстуваат, а така е до длабоко во ноќта во која никој не спие.Камбаните од црквата “Св. Ѓоргија“ на 2 август, рано, го најавуваат големиот Илинден, денот на селото и денот на Илинденското востание, но тие денес ја најавија и Богослужбата по повод 180 години од осветувањето, а камбаната се уште е “знакот“ сите да се упатат кон црквата, која во дворот почиваат коските на Ѓурчин Кокале, а не неговиот гроб, кој посебно го одржуваат “лозоровци“ пишува: колку сме повеќе толку се посилни.За големиот јубилеј Света архијерејска Литургија во прекрасниот преродбенски храм на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец чиноначалствуваше старецот и игумен, Неговото Преосвештенство Епископот Партениј Антаниски.Во Словото на Неговото Преосвештенство, изговорено на празникот Илинден, во храмот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Лазарополе рече:

-Денес, мили мои, Светата Црква го прославува споменот на славниот пророк Илија Тесвитјанинот. Овој великоименит пророк спаѓа меѓу најголемите пророци од старозаветната епоха. Бил особен молитвеник и ревнител за правоверието во единствениот вистински Бог. Мили мои, дека денес нашето торжество е двојно. Од една страна, го славиме со љубов и молитва Светиот пророк Илија, а од друга, со благодарност си спомнуваме за навршувањето на 180 години од осветувањето на овој велелепен храм посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. На сите нам овде добро ни е познато дека низ историјата ова славно село дало многу големи преродбеници, знаменити духовни и културни дејци на нашиот народ, великани на верата, на духот и на словото. Еден од најзначајните меѓу нив бил, се разбира, ктиторот на оваа чудесна црква, ќајата Ѓурчин Кокалески – нека му биде споменот вечен! – кој бил исклучително побожен Христијанин, со таква силна вера и правилна ревност за спасението на народот, што наликувал на пророкот Илија. Едноставно, делото на Ѓурчин не престанало. Лазоровци не ја изгубиле верата. Се радувам што сега сте собрани во еден пристоен број, за литургиски да го прославиме славниот пророк. Патем, вашето село отсекогаш со голема ревност и љубов го прославувало споменот на Свети Илија. За тоа ни сведочи и неговата икона на иконостасот и неговите претстави на фрескописот. Никогаш да не згаснат кандилата, најнапред во срцето на Мијачијата – Бигорски, а и во овој храм – туку да светат до крајот на времињата, за радост на предците наши! А нема да згаснат доколку во нас горат духовните кандила на верата. Свети Илија да нè чува сите!Владиката Партение честитајки им го големиот јубилеј на Црковскиот одбор на црквата не пропушти да ги спомене и заблагодари и на ситедруги  кои помогнале да се изгради, освети и одржува до ден денешен оваа црква, сите кои се грижеле за црквата се до денешниот Црковен одбор и сите кои денес беа во црквата на Богослужбата.По богослужбата сите се упатија во своите домови, кои од година во година ги има се повеќе. Традиционално бевме кај Дракулевци, а Христина која е од помладата генерација ни рече:-Доаѓам тука од мала, а еве од 2005 година татко ми се зафати да гради нова куќа, тука во Ливадите, наместо на старите темели на врвот од селото, кај малото на Дракулевци. Ме радува тоа што традицијата сите во Лазарополе многу ја почитуваат, а “лозоровци“ ја покажуваат на секој чекор, а според мене традицијата треба да се врати до највисок степен, да се почитува секогаш кога е можно. Тука не се граделе мали куќи, иако се градело од камен и дрво, но каменот тука бил и останува заштитен знак на Лазарополе, а сега ги спојува традицијата и модерното. Ќе го цитирам татко ми кој вели дека за да се изгради куќа тука во Лазарополе, треба да се имаат три работи, камен, дрво и волја, кои ги има тука, на што Душко на шега, како прав “лозоровец“ додава“.-Камен, дрва и волја имало и секогаш ќе има кај “лозоровци“, но некогаш немало шајки, а токму за шајки се одело на печалба.Но, факт е дека полека се враќаат, но времето во кое сега живеат и работат наследниците е тешко, а тоа се одразува и на реставрирањето на куќите, но пример и водилка за сите е пионерската идеја, на можеби најголемиот вљубеник во Лазарополе, прерано починатиот Томе Перински, кој го изгради “Калин“ хотел. “Лозоровци“ кои секој од нив зборува за него со почит и посебна почит, велат дека кога Томе можеше да го направи хотелот да биде собиралиште за сите нас, ние можеме да ги направиме повторно разрушените куќи. А духот на Томе Перински е секаде, во “Калин“ во убавиот амбиент и гостопримство, на сред село, низ куќите “лозоровски“, каде секој кажува по некоја случка со Томе.Природната местоположба на селото, односно ехото му помагаше на музиката на Мајовци да стигне до ушите на сите “лазоровци“ кои беа дојдени да го прослават празникот на Свети Илија, денот на селото, но на сите им одзвонува мислата до година да сме повеќе, како и посакувал големиот Ѓурчин Кокале.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »