-Видео записот за “Божикна серенада“ како шести по ред традиционален Божикен подарок , е завршен и Ви го предаваме со најголема љубов. Радувајте се, веселете се, делете љубов, бидете милостиви! Христос се Роди! порачуваат од од Бигорскиот манастир и Бадникови поворки.
Овој видео запис ја оживува серенадата во Битола преку една прекрасна божикна песна којашто на најубав начин ја покажува православната традиција и семејните вредности на македонскиот народ. Низ една филмска приказна не враќа во минатото на Битола, градот којшто серенадата ја има како дел од својата културна традиција.
https://www.facebook.com/BadnikoviPovorki/videos/1786679471531516
Екипата, којашто со благослов на Владиката Партениј го оствари овој голем духовно-културен проект, е составена од: режисерите Дејан Пројковски и Горан Наумовски, директор на фотографија – Горан Наумовски, камера – Стојан Стојановски, асс.на камера – Александар Котевски, а во продукција на 2С Студио Стојан Стојановски.
Изведувачи на Божикната песна се Лозано, Димитар Андоновски, Никола Перевски – Нокаут, Стефан Филиповски – Некст тајм, а актери се Никола Стефанов, Благица Пупуноска, Ања Сливоски, Соња Михајлова, Митко С. Апостоловски, КУД – Илинден Битола и многу статисти, а снимање, миксање и мастеринг е на студио “Алшар“.
Божикната серенада во себе го носи специфичниот богат византиски мелос. Ја пееле возрасните коледари коишто оделе од куќа до куќа и весело ги повикувале домаќините да одат во црква, таму да го прослават Раѓањето Христово и потоа да го понесат големиот благослов дома. Ова дело ќе остане вечен сведок за мисијата на Бигорскиот манастир и Бадникови поворки како народен, културен и духовен проект.
ХРИСТОС СЕ РОДИ! ЧЕСТИТ БОЖИК!






