Press "Enter" to skip to content

Марјан Милованов – Tribord, лиценциран инструктор за сноубординг: секој може да научи сноуборд, со мотивација, волја и упорност, а за себе вели: нема граници за едно “лудо“ дете (фотогалерија)

Жанета Ристевска

Сезона на зимските спортови скијање и сноубординг, од Битола многу деца, тинејџери, возрасни на стазата Ниже поле на чист воздух и сонце на ски-патеката уживаат во зимските спортови и лудориите на снегот. Меѓу скијачите кои се спуштаат на стазата, сноубордерите храбро бордаат. Оваа сезона во поголем број од минатите години, а сноубордингот тренди зимски спорт за младите не само од Битола.  Тоа и беше повод за разговор со Марјан Милованов, лиценциран инструктор по сноуборд во Битола, кој го направивме на ски стазата каде Марјан го поминал детсвото и тинејџерските години, особено во зима.  Марјан од свои 4 години застанал на скии, на 12 на сноуборд и ски-патеката Ниже поле и планината, негов „двор“ за играње уште од најрано детство.

-На ова ски стаза самиот се учев, паѓав- станував, учев салто, скок со сноубордот… низ хумор започна Марјан за да  продолжи за љубовта кон снегот, спортот, сноубордот, обуките…-Нема ден да не сум на планина кога има снег, тука или на друг ски-центар. Сноубордингот ми е пасија и хоби. Посебно ме радуваат обуките со нови сноубордери за кои земам одмор од работа. Сакам сите мои ученици да бидат добри и каде и да бордаат дали Маврово, Шапка, Банско или други центри да не се “усрамат“ и бидат на ниво со своите техники, па зошто и не подобри од другите сноубордери од другите градови и земји. Зборува со детска насмевка, а на таков начин им приоѓаше на своите ученици од новата група кои го слушаа како да застанат на сноубордот, а  најмалиот ученик  само 4 години. Сите се зачудени кога уште првиот ден застануваат и се спуштаат по стазата, се разбира оваа не е сноубординг, но за почеток доволно е да знаат да се држат на бордот. Марјан Милованов по професија е  програмер со завршен факултет за информатика на ФИКТ, а последните три година работи во скопска ИТ компанија. Голем  вљубеник во планината и зимските спортови.Кога започна и зошто сноубординг…

-Растев на оваа ски-патека, благодарение на татко ми, а јас уште на 4 годишна возраст скијав и го научив секое делче, што се вели. Потоа на 12 годишна возраст се заинтересирав за сноубординг, во тоа време нов спорт, каде се пронајдов, спорт со повеќе адреналин, а јас го сакам тоа. Ми беше предизвик и бидејќи во тоа време тука немаше инструктори, самиот се учев да ги совладам сите техники. По цел ден на даската, падни стани, салто. За потоа татко ми кога ми набави сноуборд од странство, започнав со него и ми стана поинтересен спорт, кој е повеќе адреналински, можеби заради некое чувство  на слобода кога се борда….. бордавме на оваа ски-патека,  Ниже поле која е идеална за почетници. Затоа и кажувам  дека го знам секој нејзин дел што ми помага во обучувањето на моите ученици кои учат да бордаат.  Потоа се стекнав со лиценца и сега сум лиценциран инструктор за сноубординг.Сноубординг како зимски спорт се поинтересен за младите… Кажете ни околу ова, каде да се набави опрема…

-Сноубордингот како еден од зимските спортови  е во експанзија последните години кога станува се популарен меѓу младите, особено децата и тинејџерите. Дали влијанието на инстаграм видеа придонесоа да многу деца, тинејџери и возрасни сакаат да ги усовршат вештините за овој адреналинкси спорт, кој секоја година зема замав. Почнуваат најчесто од 4 години и нема граница. Се разбира оној кој сака да учи треба да има волја, ќеф и најважно, да е упорен. Нормално, мора да биде физички подготвен, бидејќи треба 4-5 часа да бидете активни, без разлика дали сте ученик или бордер. Потешкотии имаат оние кои се прв пат на снег, но нема проблем бидејќи јас сум тука. Кога јас започнував со овој спорт кај нас немаше ни “даски“ ни друга опрема која е потребна. Сега може да се набави добра опрема за почетници и во Битола, не се потребни некои скапи вложувања, а со таа опрема е солидна. Потоа кога ќе се постигне некое ниво на бордање потребна е пософостицирана опрема која секако ја има во Македонија. Сега и учењето е малку олеснато. Кога јас започнав немаше интернет социјални мрежи, видеа  за учење, самиот се учев. Денес оние кои започнуваат имаат можност да научат нешто и пред да дојдат на патеката, со гледање на видеа, да видат какви се првите часови и да знаат што ги очекува на снегот.Лиценциран инструктор по сноуборд. Кажете ни повеќе за обуката кога е идеално родителите да ги пратат да учат…

-Како што кажав започнав со обуки знаејќи ги фазите на учење од своето искуство. Потоа и професионално поминав обука за сноуборд во Маврово и се стекнав со лиценца инструктор по сноуборд. Додека за скијање има поголем број инструктори.  Две години ја имам лиценцата. Уназад немам точен број колку бордери сум обучил. Еве само денес  на обука се  15 ученици почетници, а  најмалиот има 4 години. Оваа група како и секоја  ќе има часови 5-7 дена, за почетници во сноуборд, некои прв пат спорт на снег. Уживам кога работам со деца, еве сега најмалиот сноубордер има 4 години и се спушта храбро, по патеката. Морам многу да пазам на него и се спуштам со него бидејќи сеуште не е свесен за ориентацијата и насоките со оглед на неговата возраст.Ова го потенцирам за да ви одговорам и на второто прашање кога да се започне со бордање, а тоа е како и во секој спорт, колку помала возраст, толку подобро, кога се нема страв и не се размислува околу него. Поголемите, најчесто тинејџерите, потребно е прво да го совладаат стравот, со моја поддршка и добијат самодоверба во себе. Се учи по фази, но за неколку дена оние кои доаѓаат редовно ќе научат слободно да бордаат по ски-патеката. Потоа, ако се навлечиш на овој спорт ќе уживаш целосно на секоја ски-патека.  За време на обуката знам и да бидам “построг”, но тоа е сепак за добро на моите ученици. Исто така важно е да се има голема желба, љубов кон сноубординг, а не да учи заради тренд. Јас ова многу го сакам и затоа сум тука, а се надевам дека и моите ученици, идни бордери се тука од желба и ќеф.На кои се други стази си бордал?

-Сум бордал насекде каде има снег и ски-патеки. Сум бордал насекаде  низ Македонија, се разбира ски-патеката Ниже поле, Копанки, Маврово, Попова Шапка… потоа во Бугарија, Грција, Србија. Сум бордал “freeride“, низ негазен голем снег, на повеќе места, сум се пуштал од “Антена“ кога веќе станува збор за екстремен спорт, се сум пробал. Ужувам во адреналинот кој овој спорт го нуди. Скокање, спуштање се сум пробал прво со скијање, а потоа и со бордање, се што може да направи едно “лудо дете“, кое сега е зимски човек на планина.Дали има можности за натпревари?

-Кај нас има организирано натпревари но не толку често, а за тоа мора да има интерес, одреден број на бордери, услови, спонзори, инфраструктура, заштита, лига на натревари или што се уште не, а тоа сега тешко се остварува. Но, за популаризација на овој спорт или само да покажат новите бордери што научиле и до каде се дојдени, некој настан може да се организира и овде макар од ревијален карактер. Имаме одлични природни услови и мораме да ги искористиме, планината ни е на 15 километри од Битола, а за разлика од другите градови е преголема предност на стартот. Ако имаме вештачки снег ќе ја продолжиме сезоната, ќе започмеме уште во ран декември, па се до март-април, така ќе добиеме нови денови за тренинг, што е основа за работа и за посериозни резултати.Кажете ни за идни планови… дали размислуваш за сноуборд клуб?

-Имам таква  желба и до година сигурно ќе го отворам клубот. Клубот ќе се регистрира во федерација, а за името и активностите кои следат во врска со клубот ќе бидете известени во блиска иднина.  Зошто да немаме нови олимпијци, победници на ФИС натпревари… и во сноубординг, но како што реков потребно е да се постават нови темели.Што би им препорачал на младите кои сакаат да бордаат?

-Заинтересираноста кај младите од година во година, од сезона во сезона е поголема. Затоа ним сакам да им порачам да не се плашат од овој спорт, да го прифатат предизвикот “бордање“, но секако прво да се обучат, да ги научат основите, а потоа да се надоградуваат, како што реков претходно со опрема, но и со знаење. За сите мои ученици сум секогаш достапен, а и кога имаат потреба од некој совет за опрема или за некоја нова техника им излегувам во престет како што и самите се увериле многу пати. Има дечки, а и девојки сериозен потенцијал, кои може да се натпреваруваат и да имаат солидни резултати, вели  Марјан Милованов, кој за крај ни кажа:-Со ова ќе се занимавам додека сум жив. Уживам да ги пренесувам моите техники, знаења на други. На сите оние кои го сакаат сноубордингот,  сакаат да учат, имаат желба, волја, мотивација и се разбира сооодветна опрема и ќе кажам нема нешто  што не се може. За мене ќе кажам дека нема граници за едно “лудо“ дете.

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »