Press "Enter" to skip to content

Некогаш и денес, Милка Гемтова-Ѓорѓиевска од Битола: денес има сè, само срце не, oва важи за сите и за спортисти и други личности

Жанета Ристевска

-Ние имавме срце и душа, се дружевме сите од Битола, бевме како една фамилија скијачи, тренери, деца, родители, планинари. Најубавите Нови години во планинарскиот дом “Копанки“, кога се “тресеше“ Копанки од пеење, играње…  Од Битола на натпревари одевме полни автобуси со скијачи 20 цицибани и исто толку младинци, сениори, денес по 2-3 скијачи. Цел период додека се натпреварував од 1965 – 1978 година немаше жичара на Пелистер и не знам по колку пати се  искачуваваме од Бегова до Копанки  и се спуштавме, така цел ден по некоклу пати. Немавме мака, имавме срце и храброст. Од опрема имавме еден пар ски, пантолони од “ѓаолска“ кожа и џемпер, а скијачите од другите републики беа манекени  за нас.Вака интересно, искрено, низ хумор се присетуваше, низ разговорот за рубриката “Некогаш и денес“ спортистката-скојачката, Милка Ѓемтова – Ѓорѓиевска од Битола добитник на награда за животно дело на манифестацијата најдобар спортист на Битола за 2021 година. Заслужена награда за некој кој цел живот бил во спортот скијање жени и постигнувал врвни резултати на натпревари  во  Македонија, СФРЈ и Балканот. Низ нејзината  приказна и фотографиите таа со  многу емоции, носталгични чувства, се врати на почетоците од својата кариера. При тоа опишувајќи одреден период и други личности кои оставиле печат на златно време на скијањето кога се организирале голем број натпревари во спуст, слалом, велеслалом на ски-патеките на Копанки – Пелистер, Смилево, Крушево, Попова Шепка, Маврово. Кога на почетокот опрема била пантолони од “ѓаолска“ кожа и џемпер.-Кога ја добивме првата опрема “со хеланките шетавме на корзо“ низ смеа раскажува Милка.

Но, сепак со упорност, храброст таа освојувала многу награди и трофеи на натпревари на републички и државни натпревари  слалом, велеслалом, спуст. Најмногу први места во Македонија. Учествувавала на тромечи на ниво на СФРЈ била втора, на Балканијадата во Маврово  била шеста. Ова се само дел од нејзините успеси за кои потврдуваат големиот број награди, дипломи, трофеи… Од 1965 до 1978 година, 13 години, се натпреварува во скијање на  преку 250 натпревари. На ски-патеките на Копанки Пелистер, Смилево, Маврово, Крушево, Попова Шапка, Крањска Гора (Словенија), Јахорина (Босна и Херцеговина) Бјелашница (Босна и Херцеговина). Од 1978 година тренер на пионерките од скијачкиот клуб Пелистер, а подоцна и  тренер на репрезентација на Македонија пионерки и младинки. Се натпреварувала и во скијање на вода во 1971 година на ниво на Југославија и била трета и четврто место. Тренирала и стрелаштво, одреден период. Денес се уште рекреативно се скија и планинари со свои 68 години.

 

За себе…

-Родена сум во Битола. Потекнувам од фамилија скијачко-планинарска, вљубеници на планината и зимските спортови. Татко ми Ташко Ѓемтовски – Тамбата беше раководител на Планинарскиот дом “Копанки“. Мајка ми Виолета, што се вели, само отишла да се породи на болница и се вратила горе на планина. Љубов кон планината, скијањето од мали нозе која ми ја всади мојот татко. Тој беше златен човек, ми беше се во животот. Јас и мојот брат, Никола – Нико Ѓемтовски, бевме активни спортисти, израснати на Пелистер. На ски од мали нозе, а започнав да се натпреварувам  на 10 годишна возраст во пионерки на скијачкиот клуб Пелистер, тогаш немаше (цицибани). Прв тренер ми беше Петар Нашоку од Магарево, понатаму низ мојата скијачка кариера и  други тренери Цане Стојановски Гуц, Спасе, Момазо. Подготовките ни беа тука на Пелистер на ски-стазата Копанки, но и на Маврово, Попова Шапка, Крушево. Од како почнав и цело време додека се натпреварував од 1965 – 1978 година немаше жичара на Пелистер, се изгради подоцна. Но, ние имавме кондиција и со скиите на рамо се искачуваваме, не по стаза туку по едно патче низ снегови до горе Копанки, и се спуштавме до Бегова Чашма.

-Подоцна имавме еден ски-лифт кој го одржуваше чичко Сашо, како што го викавме. Се искачуваавме по двајца. Кога одевме на подготовки во други ски-центри како Маврово, Попова Шапка, Јахорина, Крањска Гора имаше жичари и тогаш бевме многу среќни, што можевме многу повеќе да се спуштаме. Опрема немавме се скијавме со пантолони од “ѓаолска“ кожа и плетени блузи, бернардинки. Скијачите од другите републики  беа лепотани и манекени наспоти нас, но сепак “пукавме“ од кондиција, а имавме и срце, храброст и постигнуваваме врвни резултати и покрај се. Јас на поголем број натпревари освојував први места. Ќе набројам и други кои се натпреваруваа во тоа време скијачки Мари Цалевска – Беба (сега живее во САД), Милка Стојановска, Ратка Павлова и други можеби заборавив да споменам некое име, не би сакала некој да се навреди. Скијачи беа мојот брат Никола Ѓемтовски, Оливер Велковски, Љупчо-Бубичо Спировски, Вангел Трпчевски…Образование

-Завршив средно образование гимназија од прва до трета година учев тука, а четврта година како најдобар ученик заминав да учем во САД, во градот Халовеј, во Мичиген близу Детроит. По завршувањето на средното образование се запишав на правен факултет. Дипломирав на правен факултет и во 1979 година се вработив во ЈП “Стрежево“ до пензија а послесните десетина и повеќе години работев раководител на правен сектор.Натпревари, награди, трофеи…

-Започнав  да се натпреварувам на 10 годишна возраст. Прв натпревар ми беше на  „Пелистерски велеслалом“ по 1965 година на кое освоив 1 место. Потоа учествував на многу други на ниво на Југославија. Најдобра на  Балканијадата во Маврово, одлични пласмани на Крањска Гора во Словенија, Бјелашница во Босна и Херцеговина… Во Жабљак на два тромечи ги освоив сите први места, во спуст, слалом и велеслалом, а се уште го паметам коментарот на еден од судиите: “Македонка иде као тане“. Тука се првите места на Копаоник, исто така на тримеч, Македонија, Србија и Црна Гора. Да не ги споменувам годините сите ги има на моите дипломи на фотографиите, кои ги имам премногу. Учествував на многу натпревари на републичко, државно, балканско ниво во  слалом, велеслалом, спуст со освоени најмногу први места во Македонија. Бев и неколку пати прогласена за најдобар спортист на Битола. Оваа година добив награда за животно дело и придонес во спортот на манифестацијата “Спортист на Битола за 2021 година“. Се натпреваруваав од 1965-1978 започнувајќи од пионерки, младинки и сениорки. Од 1965 – 1978 година 13 години активно се занимавав со скијање и преку 250 натпревари 10 до 12 натпревари во годината, или вкупно околу 200 натпревари во сите три дисциплини. Бев и на натпревар во скијање на вода кое се одржуваше во Отешево каде освоив трето место. Имавме 1 месец подготовки во “Партизан“ и “Андон Дуков“. После 1978 година кога престанав да се натпреварувам продолжив со тренерска кариера. Бев тренер на  репрезентација на Македонија пионерки и младинки.Семејство…

-Со сопругот Иванчо се запознавме на факултет. Од тогаш сме заедно. Јас го научив да се скија. Се сеќавам беше кога на 1 јануари 1976 година заминавме на антена и тоа подоцна ни стана традиција, кога слегуваваме од антена се држеше за мене  до Големо Езеро, до домот каде преспавме. Двата синови Александар и Влатко скијаа од мали и постигнуваа врвни резултати. Александар беше 3 години најдобар спортист, заврши факултет за физичка култура, магистер професор по скијање, беше тренер на скијачкиот клуб Пелистер и на репрезентацијата на Македонија. Но, како и во сите спортови така и тука  заради завидливост, љубомора, нечесни игри, неправилности и необјективност, не е повеќе во спортот и сега работи во “Стрежево“. Моите внуци Борјан и Јована исто така од мали нозе скијаат. Сега најважно ми е  да ги минувам пензионерските денови мирно, со моите две внучиња кои ми носат радост, среќа  и ми го разубавуваат животот.  Ако направите споредба со тоа време и денес во спорт скијање. Како гледате на ова?

-Скијачкиот клуб Пелистер имаше голем број скијачи кои се натпреваруваа. Во тоа време одевме полни автобуси скијачи на натпревари. Имаше само 20 цицибани, и други уште повеќе.  Денес се натпреваруваат само 2 или 3 скијачи. Мојот брат Никола Ѓемтовски беше тренер на скијачкиот клуб Пелистер кога се постигнуваа многу добри резултати, златно време на скијањето за Битола. Александар-Швеѓата, Иво Ивановски, Марковски, се некои од скијачите. Имаше средства кои се добиваа на ниво на држава. Но, кога се јавуваат љубомора, завидливост кои се во менталниот склоп кај нас, како и во сите спортови нема успех. Се кажува кој ќе оди, кој не. Се форсираа само оние кои успеваа да добијат или имаат материјални средства. Подобрите скијачи се изоставаа заради љубомора да не постигнат подобар резултат.Некогаш и денес  во однос на живот, дружење…

-Ние имавме срце и душа, се дружевме сите, бевме како една фамилија скијачи, тренери, деца, родители, планинари. Сите заедно за Нова година, Копанки се тресеше. Најубавите Нови години ги дочекав во планинарскиот дом Копанки сите весели. Се пееше се играше….по фармерки, односно немавме ни фармерки, најпрво по “кожни“ пантолони. Ќе споменам некои луѓе Џани со гитарата, Јонче, Цане Гуц, Боби, Ниче, Бумбаро… На 1 јануари пешачевме до антена, бевме првите кои ја започнаа таа традиција. Таму на врвот опкружени со убавините на природата ја слушавме песната “Ове ночи једна жена мирно спава“ од Златко Пејаковиќ тогашен хит далечната 1976 година.Нејзината приказна низ зборови и фотографии емотивно се доживува. Тргнувајќи од “една слика илјада зборови“  фотографиите кои ни ги донесе многу реално ги доловија и потврдија зборовите на нашата скијачка, Милка Ѓемтова – Ѓорѓиевска за некогаш и денес.Некогаш и денес“ е рубрика за личности, наши пријатели, комшии, успешни луѓе од Битола. Рубрика која пробуди голем интерес, бидејќи тоа се личности од различни области и професии кои биле активни и твореле во последните декади на минатиот век и почетокот на овој во нашиот град, во Битола. Би сакала нивното дело, искуства и мудри мисли бидат  инспирација и поттик за денешните генерации.

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »