Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од 1 до 3 јули 2022 г. во Битола ја реализираше меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“. Манифестацијата се одржа по 11-ти пат и со финансиска поддршка од Министерството за култура како проект од национален интерес, и со поддршка од Општина Битола. На манифестацијата учествуваа истакнати писатели од Друштвото на писателите на Македонија, како и од Саудиска Арабија, Италија, Шпанија, Франција, Полска, Србија, Босна и Херцеговина, САД, Холандија, Бугарија, Западен Бенгал (Индија), Романија, Германија, Словачка и Кина. Организацискиот одбор на манифестацијата го сочинуваат писателките: проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, Елизабета Јончиќ и Весна Мундишевска-Велјановска.
Отворањето на манифестацијата се одвиваше во конференциската сала на хотел „Епинал“ – Битола, а започна со поздравна реч испратена од проф. д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска – министерка за култура на РСМ, обраќање на д-р Тони Коњановски – градоначалник на Општина Битола, како и обраќање на Елизабета Јончиќ – претседателка на „Битолскиот книжевен круг“ и на проф. д-р Христо Петрески – претседател на Друштвото на писателите на Македонија.Најпрво беа врачени наградите од традиционалниот конкурс на „Битолскиот книжевен круг“ и беа промовирани наградените книги. Проф. д-р Гордана Стојаноска ја промовираше книгата „Три во тринаесет“ од Јована Матевска-Атанасова, добитник на наградата „Книжевен круг за проза“. Книгата со хаику поезија „Премолчено пладне“ од Никола Илијовски, наградена со „Книжевен круг за поезија“, ја промовираше Милица Димитријовска-Радевска. Проф. д-р Васил Тоциновски ја промовираше книгата „Книжевно-критички читања“ од Даниела Андоновска-Трајковска, добитник на наградата „Книжевен круг за критика“. Елизабета Јончиќ ја промовираше книгата „Денот кога го изедовме Бога“ од Гордана Јовиќ-Стојковска, добитник на наградата за книга на македонски јазик од странски автор.
Традиционалните награди „Мозаик“ за достигнувања на странски автори им беа доделени на писателите: Виктор Радун Теон од Србија, Катја Ерменкова од Бугарија и Звонко Танески од Словачка.
Беше претставена изложба на Симонида Филипова Китановска – професионален уметник и член на ДЛУМ од 1988 г., а учесниците и гостите на манифестацијата уживаа во музички колажи на познати композиции во изведба на м-р Марија Шамоска Буџаковски (пијано) и проф. Светлана Богданоска Ристоски (флејта). Првиот ден од манифестацијата заврши со книжевно претставување на сите учесници на манифестацијата.Активностите од вториот ден започнаа со посета на Ателјето Солак на ликовните уметници Љубица Мешкова Солак и Димитар Солаковски, а продолжија со настап на танцовиот клуб „Dance Expose“ – Битола, промоции и книжевни претставувања во Палатата на културата – Офицерски дом, при ЈОУ Културен и информативен центар – Битола. Најпрво беа промовирани двата најнови броеви на списанието за книжевност, уметност и култура „РАСТ“ чиј издавач е БКК, а чиј промотор беше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, главен и одговорен уредник, како и списанието за книжевност и култура на српски јазик „Слово љубве“ (часопис за книжевност и културу, ИЦ Слово љубве – Букви букс) кое го промовираше Гордана Јовиќ-Стојковска, главен и одговорен уредник. Следуваа промоции на најновите изданија на членови на БКК. Книгата „Убавите жени“ од Зоран Пејковски ја промовираше д-р Лилјана Пандева, додека Елизабета Јончиќ ги промовираше книгите „Две Д“ од Милица Димитријовска-Радевска и „Политики на стравот“ од Славица Гаџова Свидерска. Проф. д-р Златко Жоглев ја промовираше книгата „Книжевни осврти“ од Елизабета Јончиќ. Следуваше книжевно претставување на добитниците на наградата „Мозаик“ кои, традиционално, сами зборуваа за себе, за своето творештво и активностите на полето на литературата и културата. Вториот ден беше заокружен со книжевно претставување на гостите-учесници на манифестацијата.
На третиот ден од манифестацијата беше посетен Националниот парк „Пелистер“ и Историската патека од Првата Светска Војна 1914-1918, а во хотел „Молика“ беше реализирана активноста „Кафе и песна“. На крајот на манифестацијата на сите учесници им беа доделени сертификати