Синоќа во преполната сала на Офицерскиот дом во Битола се одржа солистички концерт на Давор Неќак – баритон, во прудружба на Горјана Стојановска – пијано, двајцата од Битола, а концертот е во рамките на “Бит фест“.Големиот број присутни на концертот, а некои за жал не успеаја да влезат, имаат можност да ја проследат концертната програма исполнета со дела од П. И. Чајковски, Џ. Верди, М. Равел, С. Рахмањинов, итн…
Давор Неќак (баритон) роден е во Битола, а солист е на Ријечката опера во Хрватска. Музичкото образование го започнал како пијанист, а средното образование го продолжил како соло пеач во класата на проф. Маја Митровска. Своите студии ги продолжува на Музичката академија во Загреб во класата на Влатка Оршанич. Веќе на третата година од студиите на академијата во Загреб, со 21 година положува аудиција во Загребската опера и дебитира со улогата на Моралес во Кармен, а понатаму следуваат многу ангажмани во Ријека, Загреб, Вараждин…Меѓу концертните настапи се истакнуваат настапот како солист во кантатата Кармина Бурана во продукција на Музичката академија во Загреб, настап со Загребската филхармонија. Добитник е на бројни награди.
Соработувал со диригенти како мо. Марчело Мотадели, Мо. Филип фон Штајнакер, мо. Марко Хриберник мо. Иван Јосип Скендер, мо. Јосип Шего, мо. Матија Фортуна, мо. Миран Ваупотиќ, мо. Даријан Ивезиќ, мо. Александар Калајѓиќ, а со режисерите: Арнауд Бернард, Озрен Прохиќ, Крешимир Доленчиќ, Саша Аночиќ, Марин Блажевиќ итн. Посетувал бројни семинари со познати професори и пејачи како Рајнер Трост, Оливера Миљаковиќ, Крешимир Стражанац.
Давор Неќак е син на композиторот Марјан Нечак, а Горјана Стојановска ќерка на оперскиот пејач Цветан Стојановски.