Press "Enter" to skip to content

Златна камера 300 за Рубен Импенс за филмот “Осум планини“ на “Браќа Манаки“ (фотогалерија)

-Во Битола со прогласување на најдобрите кинематографи кои се добитниви на наградите “Камера 300“, од студенската програма и доделување на посебната награда заврши 43. ИФФК “Браќа Манаки“.Приказните се живи се додека има која да ги раскажува. Приказните кои се раскажуваат на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, се од оние првите приказни, приказните со кои почнало раскажувањето, од првото новно раскажување, од првото прикажување, ги раскажуваме и прикажуваме и денес со сопствениот начин на раскажување во нашата недоволна реалност.Нашето време ги раскажува првите приказни од својата перспектива, во својот контекст, означувајќи ги на поинаков, свој начин. Приказните постојат се додека се раскажуваат, додека се негуваат додека се осветлуваат во нова светлина, во копнежот по нова реалност.Годинешното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ донесе своја реалност и покажа дека секогаш кога реалноста не е доволна филмската уметност е тука за да понуди своја реалност и уште еднаш да не однесе во филмскиот бескрај, запловувајќи по океанот на  движечките слики.ИФФК „Браќа Манаки“ секоја година ги вреднува најдобрите кинематографери , но исто така важен сегмент е студентската програма, односно негувањето на филмската иднина. Од оваа година студентската програма е со натпреварувачки карактер и селекција на филмови од најдобрите европски филмски академии.-Наградата за најдобар студентски филм се доделува на филмот „Вдовица и сираче“ во режија на Никлас Форман, директор на фотографија Симоне Харт и Кристијан Нојбергер. Филмот доаѓа од филмската академија во Австрија, соопшти селекторот на студентската програма Ѓорги Пулевски.Одлуката ја донесе жирито во состав: Митко Панов, Фејми Даут и Благоја Куновски – Доре.

-Наградата за најдобар студентски филм се доделува на филмот „Вдовица и сираче“, кој прикажува длабок и емотивен приказ на младоста, отуѓеноста и надежта. Генијално снимен филм, кој на уникатен начин ја раскажува филмската приказна со поетски визуелен израз. Раскажан со стил, филмот се развива низ повеќе слоен наратив како визуелен тек на свеста, на ослободувачки експетиментален начин, стои во одлуката на жирито.Режисерот на филмот ја прими наградата и изрази благодарност до кинематограферите, жирито, тимот со кој работел и ја на тимот волонтери од Фестивалот, особено на Анѓела, волонтерката на Фестивалот бидејќи, како што рече, дал ветување дека ако освои награда ќе и ја посвети.

Реалноста не е доволна, но како од истата таа реалност да се создаде уметност. За документарниот филм реалноста е секогаш голем предизвик за да ја обликува во уметничко дело. За наградата Железна камера 300 за документарен филм одлучуваше жирито во состав: Јасмин Башиќ, Фејми Даут и Есин Белит и одлучи наградата да му ја додели на филмот „Мара“ на Саша Кулак, што како предлошка ја поставува естетички и концептуално смела перспектива на политички турбулентните времиња низ кои поминуваме. Не само што не приближува до менталната состојба на лицата кои се изложени на политичко насилство од различен степен, туку и ни ги нуди филмските пристапи како алат за интеракција за преживеаните искуства. Зазема цврст став  без да го естетизира доживеаното насилство притоа неотуѓувајќи ја публиката.Жирито на документарната програма одлучи да даде посебно признание на формално храбар и силно политички определен филм, кој ги надминува жанровските граници, вешто играјќи си со инструментите на фикцијата, истражувајќи нови феминистички наративи филмот усоева да понуди вознемирувачки приказ на современ Бразил. Посебното признание му е доделено на филмот „Гори сува земја“ на Џоана Пимента.Кога реалноста не е доволна секогаш се прашуваме како во кратка филмска форма да се раскаже приказна на најдобриот можен начин. Краткометражниот филм е секогаш голем предизвик за филмските автори. Жирито во состав: Маја Богојевиќ, Самир Љума, Жан Мари Дружу, Карлос Дијас и Мелиса Созен одлучуваше за наградата Мала камера 300.-Имавме прекрасен фестивал, изгледавме доста филмови од кратката и главната програма. Малата камера 300 се доделува на Шади Чабан за краткометражниот филм „Варша“ за совршеното мајсторство во создавањето на незаборавна визуелна поема која го спојува традиционалниот филмски јазик со новите технологии со цел да ги  длабоко потиснатите чувства на протагонистот, соопшти Самир Љума.

Сите изминати осум фестивалски денови „Браќа Манаки“ го славеше филмот и големите кинематографери. Градот Битола беше еден од најважните фестивалски центри во Европа. Во програмата имаше оскаровци, филмови од фестивалите во Кан, Венеција, Берлин. Токму затоа и не беше лесна задачата да се изберат најдобрите кинематографери.-Бронзена камера 300 се доделува на Хидетоши Шиномија за филмот „Вози ја мојата кола“, за суптилната, но цврста камера која поетично ги пренесува трогателните човечки приказни за нежноста кои универзално одекнуваат, соопшти Карлос Дијас, член на жирито. Добитникот на Сребрена камера 300 го соопшти Маја Богојевиќ. За извонредно нијансираниот и сликовит приказ на животот во Неапол, прецизното и доследно кадрирање во ова прекрасно љубовно писмо до Фелини со автобиографски прикази, Сребрената камера 300 се доделува на Дариа Д’ Антонио за филмот „Божјата рака“.Дариа испрати порака во која се заблагодари на жирито и на сите што ги запознала за време на престојот во Битола.-Златната камера 300 се доделува Рубен Импенс за филмот „Осум планини“, за компонирањето на моќна и трогателна приказна што го одзема здивот, во која воодушевувачки се испреплетуваат планинските пејзажи и човечката осаменост во хармонија со природата, мајсторски снимени во тешки услови што ја стаписуваат публиката, соопшти претседателот на жирито Жан Мари Дружу.

Фестивалот „Браќа Манаки“ е еден од ретките во светот, а единствениот во овој  дел од Европа кој што ја вреднува и слави работата на кинематограферите. Оваа вечер во Битола беше едно големо име – Џон Метисон. Тој е директор на фотографија кој зад себе има редица антологиски филмски остварувања, добитник на наградата Бафта, на британското друштво на кинематографери, две номинации за Оскар, неговата филмографија го вклучува „Гладијатор“, „Фантомот од операта“, „Кралот Артур“, „Робин Худ“, „Ханибал“, „Скајфол“ и многу други. Нему вечерва министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска му ја врачи наградата Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност.-Воодушевен сум што сум овде бидејќи ова е едно од местата каде соодветно се чествува нашата работа, а вие од фестивалот „Браќа Манаки“ навистина успевате да го направите онака како што доликува. Успевате да не промовирате нас како кинематографери и нас како филмска  камера како нешто што заслужува многу голема  важност. Луѓето понекогаш не сфаќаат колку е тешко страници и страници црно бел текст да се преточат во визуелен јазик. Зошто ова не е обид  да се зачува јазикот на некоја одредена група, визуелниот јазик секој го разбира. Кога снимале браќата Манаки имало само слики, а сликите сите ги разбираат, рече Метисон.

Бидејќи реалноста не е доволна се случи ова магично 43 издание на фестивалот „Браќа Манаки“.-Нам реалноста не ни е доволна и затоа оваа година се обидовме да создадеме настан каков што заслужуваат Битола и Македонија. Имавме одлични филмови, фантастични жирија, имавме исклучителни добитници на специјалната награда Златна камера 300 за животно дело и за особен придонес во филмската уметност, она што не го знаевме колкумина од вас ќе дојдат во оваа сала да уживаат во филмовите, како ќе се чувствуваат гостите и домаќините, но Дариа Д’ Антонио по пристигнувањето во Битола посака следната година таа да биде претседател на жирито, а актуелниот претседател Жан Мари Дружу, пак, ме замоли следната година да ја доведе во Битола и сопругата. И се разбира добредојдени се во секое време. Овој фестивал е бисер со кој можеме да се гордееме, сите кои работеле во изминатите години создале таква репутација во светот што сите кинематографери сакат да доаѓаат во Битола. За мене беше важно Битола да го чувствува фестивалот како свој и се надевам дека тоа се оствари бидејќи кино салите беа полни, луѓето беа дотерани. Само со овие две работи јас сум задоволен, рече директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски и го прогласи фестивалот за затворен.

По доделувањето на наградите и свеченото затворање следуваше проекцијата на „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »