Фестивалот на филмската камера “Браќа Манаки“ во Битола бил донаќин на многу светски познати кинематографери, но во еден период пред десетина година во Битола, за време на фестивалот престојуваа и славни светски филмски актери. Во 2012 година на фестивалот беше француската филмска дива, Катрин Денев, која беше и главна гостинка на 33. издание, на покана на тогашната директорката Лабина Митевска, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство.
-Секако Денев блесна на црвениот тепих за време на влегувањето на “Браќа Манаки“ пред Домот за културата во Битола, но вистинските љубители на филмот и нејзини обожаватели имаа ретка прилика да присутвуваат на отворената прес-конфереција, каде може одблису да ја видат и да и постават прашање.
“Убавицата на денот“ (како што носи наслов еден нејзин култен филм) се покажа во вистинско светло, вистинска француска дама. Со самото држење и интелегенција, таа го направи пресот пријатен. Катрин одговори на сите прашања, објасни зошто ја сакала Мерлин Монро, која е нејзин идол, поради талентот, убавината, сексипилот на ниво на божица, и истовремено срамежливоста во карактерот… дека нејзин идол во младоста, пред да почне да глуми на платното била Керол Ломбард, дека ги сака филмовите од 40-тите и 50-тите години, дека фустанот кој го носеше синоќа е дело на Жан Пол Готие…Присутните од неа дознаа и дека таа самата смета не само што таа е феминистка, ами тврди и дека сите жени се феминистки, дури и кога негираат дека се. На крај од средбата, со битолчани и гостите на фестивалот, Денев, ја расположи и насмеа комплиментот од една обожавателка од Битола, која и кажа дека како 10 годишно девојче го гледала филмот со Катрин кој и наликувал на бајка, со прекрасна музика, и дека поубава принцеза од Катрин на фимското платно немала видено.