Press "Enter" to skip to content

Промовирана музичката компилација “Битола е градот“ која ја издаде Агенцијата за мода, култура и уметност “Метрополис“ (фото)

Во Малата сала на Центарот за култура во Битола, се одржа промоција по повод излегувањето на музичката компилација од разни изведувачи под име “Битола е градот“, во форма на ЦД, а во организација на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ – Битола.

-„Битола е градот“ е прво и единствено вакво издание од ваков вид во комплетната музичка историја на градот, а се однесува првенствено на поп-рок музиката и останати жанрови и под-жанрови (jazz, world music, електро-поп, амбиентална музика и друго). Како такво сметаме дека е доволно интересно за сите пишани и електронски медиуми не само во градот, туку и во државата, рече Илија Талев, од Агенција за мода, култура и уметност „Метрополис“ – Битола, кој за изборот на композициите додаде:-Изборот на композициите е базиран врз основа на четири правила кои самите ги создадовме за да го олесниме самиот избор, а тоа е дека: изведувачите (музичарите, авторите) мора да егзистираат и творат на територија на град Битола, да имаат издадено албум (ЕП, сингл) во форма на носач на звук (ЦД, лонг плеј) или во дигитална форма, во периодот од 2001-2022 година со авторска музика. Доколку од било кои причини тоа не било возможно, да бидат концертно активни со авторска музика во истиот период, композициите (по можност) да бидат изведени на македонски јазик (освен кога станува збор за изведувачи кои творат (исклучиво) на друг јазик или се во инструментална форма) и да ја имаме таа привилегија конечниот избор за избраната композиција да го направаме ние (од комплетниот музички опус на изведувачот во наведениот временски период).На самото ЦД се наоѓаат 22 композиции од исто толку различни изведувачи и тоа: Кристо Роџевски, “Љубојна“, “Фолтин“, “Пијан Славеј“, “Паркети“, “Pumpers“, “Code 369“, Сашо Поповски, “Sweet Rapscallions“, Димитра, Марија Плава, “Corrosion“, “Three Minutes In The Rain“, “Мазно Ама Не Е“, “Molokai“, “The Government“, “Вел“, “Sound Waves“, “Кактус“, “Lucent“, “Спанк и Музак“. Исто така, при самиот избор се внимаваше избраниот музички материјал на некој начин да кореспондира помеѓу себе, односно заради жанровската шареноликост на некој начин да има некаква музичка симбиоза т.е. одредени музички теми да бидат складни помеѓу себе, нешто што е многу важно (и тешко за реализација) кога станува збор за музичка компилација од ваков вид.

Самиот избор на композициите го правеше Илија Талев (ди-џеј, автор на музика) кој е и главна движечка сила на „Метрополис“. Илија Талев е исто така и организатор на целиот проект, а со своето три и пол децениско искуство на полето на музиката како автор и промотер на музика има и алиби да го реализира истиот. Илија Талев беше задолжен и за графичкото обликување за обвивката на албумот. Во основа претставува стилизирано решение извадено од контекст на самото лого на Општина Битола, а како симбол е земена моликата во негатив, додека црвениот обоен дел на една од трите молики означува дека се работи за прв дел од трите планирани за овај проект. Во основа тоа е едно минималистичко графичко решение кое е својствено и препознатливо само за него.ЦД-то „Битола е градот“ е исто така поклон за сите љубители на музиката ширум државата по повод 15-годишниот јубилеј од постоењето на Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ – Битола.

-Би сакале уште да напомениме дека не е случаен изборот на Центарот за култура – Битола како партнер за реализација на овој проект. Веќе 15 години заеднички сме реализирале повеќе проекти посебно во полето на модата, односно со реализација на Модна Недела Битола (2009-2018), додека на музичко поле соработката започна во 2017 година со реализација на ЦД-то на амбиентална музика на проектот Музак и албумот „Метрополис“ исто така во издание на Центар за култура, рече Талев, кој додаде и дека се надева дека со ЦД-то „Битола е градот“ ќе поттикнеме многу млади изведувачи да ги реализираат своите музички идеи, а со самото тоа во некоја блиска иднина и самите бидат дел од некое идно музичко издание.

Помагатели на проектот се Општина Битола и печатница Графо Пром – Битола кој беше задолжена за крајниот визуелен изглед на ЦД-то.

ЦД-то „Битола е градот“ можете бесплатно да го симнете на музичката платформа „Bandcamp“ на следниот линк: https://metropolisbitola.bandcamp.com/album/-